Следува поврат на ДДВ за јули, август и септември: До 2.100 денари по лице
Актуелно

Следува поврат на ДДВ за јули, август и септември: До 2.100 денари по лице

04. 11. 2026.

Граѓаните кои во периодот од јули до септември скенирале фискални сметки преку апликацијата „МојДДВ“ наскоро треба да го добијат повратот на дел од платениот данок на додадена вредност.

Исплатата за третото тримесечје од 2026 година треба да се реализира најдоцна до 30 ноември. Сепак, Управата за јавни приходи (УЈП) засега нема официјално објавено кога точно ќе започне исплатата.

Максималниот износ што едно лице може да го добие за ова тримесечје е 2.100 денари. Конечната сума зависи од бројот и вредноста на скенираните и прифатени фискални сметки, како и од износот на пресметаниот ДДВ.

Според правилата на мерката, за купени македонски производи и услуги се враќаат 20 проценти од пресметаниот ДДВ, додека за останатите производи и услуги повратот изнесува 10 проценти.

Тоа значи дека едно четиричлено семејство, доколку сите членови ја користат апликацијата и го остварат максималниот износ, може заедно да добие до 8.400 денари за едно тримесечје.

Пред исплатата, од УЈП ги потсетуваат корисниците да проверат дали во апликацијата „МојДДВ“ имаат внесено точни и ажурирани податоци за трансакциската сметка. Ова е особено важно за граѓаните кои во меѓувреме ја смениле банката или ја затвориле претходната сметка, бидејќи неточните податоци може да доведат до доцнење на исплатата.

Мерката „МојДДВ“ продолжува да се спроведува и во 2026 година. Според претходно објавените податоци, во текот на 2025 година на граѓаните им биле вратени повеќе од 3,47 милијарди денари, односно околу 56,4 милиони евра.