Група пратеници поднесоа предлог за изменување и дополнување на Законот за семејството, со кој се предвидува полнолетните посвоени лица да добијат можност за увид во податоците за своето биолошко потекло. Со ова се прави значаен чекор кон промена на досегашната практика, според која документите за посвојување беа строго доверливи и недостапни дури и во исклучителни околности.
Потребата од законски измени произлегува и од пресудата на Европскиот суд за човекови права од 2024 година, во случајот „Митревска против Северна Македонија“. Судот утврди повреда на правото на почитување на приватниот живот, загарантирано со членот 8 од Европската конвенција за човекови права. Причината беше тоа што институциите без исклучок ја применувале забраната за пристап до досиејата, без да ги разгледаат околностите и интересите на лицата што барале информации.
Со предложените измени, доверливоста на податоците останува основно правило, но за првпат се предвидуваат конкретни исклучоци. За таа цел, министерот за социјална политика ќе треба да формира Стручна комисија, која ќе ги разгледува барањата за пристап до документацијата и ќе одлучува за секој случај одделно.
При донесувањето на одлуките, комисијата ќе треба внимателно да ги процени интересите на сите засегнати страни. Од една страна е правото на посвоеното лице да ги дознае информациите за своето потекло и идентитет, а од друга е правото на приватност на биолошките родители и останатите лица опфатени со документацијата.
Предлог-законот предвидува три случаи во кои ќе може да се побара пристап до досиејата за посвојување.
Првата можност се однесува на полнолетните посвоени лица, кои ќе имаат право на ограничен увид во сопствениот предмет. Втората се однесува на посвоителите на малолетни деца, кои ќе можат да побараат информации доколку за тоа постојат оправдани медицински причини поврзани со здравствената состојба на детето.
Третиот исклучок ги опфаќа биолошките роднини. Крвните сродници од прв и втор степен ќе можат да добијат податоци од досието, но само доколку полнолетното посвоено лице претходно даде изречна согласност за тоа.
Со законските измени се предвидува и рок од шест месеци во кој надлежното министерство треба да ги утврди правилата за заштита на личните податоци, како и деталниот начин на функционирање на стручната комисија.
За спроведување на предложените измени нема да бидат потребни дополнителни финансиски средства од државниот буџет.
