Во февруари следната година, 16 лица кои моментално не се во врска ќе добијат можност да отпатуваат во Финска, да ја запознаат нејзината култура, да ја пробаат локалната кујна, да истражуваат интересни предели и можеби да ја пронајдат љубовта.
Патувањето, чии трошоци ќе бидат целосно покриени, го организира Visit Finland, официјалната туристичка организација на Финска, а за него пишува британскиот медиум „Metro“.
Од 9 до 19 февруари ќе бидат организирани две групи со по осум учесници. Тие ќе патуваат во еден од двата фински града – Хелсинки или Тампере.
Покрај туристичките активности, разгледувањето знаменитости и гастрономските искуства, учесниците ќе имаат можност да се запознаат и преку посебна вечера.
Вечера на слепо со локални жители
Пред враќањето дома, секоја група ќе учествува на вечера на која учесниците ќе се запознаваат без претходно да се видат.
На осумте меѓународни гости ќе им се придружат и двајца слободни жители на Финска, што значи дека на секоја вечера ќе има по десет учесници.
Бидејќи ќе има две групи, ќе се организираат и две вакви вечери – две можности за нови познанства, пријателства, а можеби и романтична приказна.
Во Финска во моментов живеат околу 2,7 милиони самци. Според организаторите, идејата за ова патување е инспирирана од вирален тренд на социјалните мрежи, кој привлече големо внимание во земјата претходно оваа година.
Розови кошнички во супермаркетите за оние што се слободни
Во јули, еден од најголемите фински синџири супермаркети, „Призма“, почна да поставува светлорозови кошнички наменети за самци.
Идејата, наречена „Sinkkukori“, што на фински значи „кошничка за самци“, им овозможува на купувачите кои не се во врска полесно да започнат разговор со други слободни луѓе, без да се прашуваат дали личноста што им се допаѓа веќе има партнер.
Некои жители на Финска ја прифатија идејата со воодушевување, нарекувајќи ја „совршен начин за запознавање“ и „генијална замисла“.
Сепак, не сите беа подеднакво воодушевени. Корисничка по име Надја на TikTok напиша дека не би ја користела розовата кошничка дури ни кога би барала партнер.
Друга корисничка, Бетскозилајф, се пошегува дека би ја земала само затоа што ѝ е симпатична, а потоа би се прашувала зошто непознати луѓе ѝ приоѓаат и започнуваат разговор.
Сличен тренд стана популарен и во Шпанија во 2024 година. Тогаш во супермаркетите „Меркадона“ се создаваше голема гужва меѓу 19 и 20 часот, откако еден креатор на содржини на TikTok тврдеше дека токму тогаш самците можат да ја пронајдат љубовта меѓу рафтовите.
Правилото беше едноставно: оние што бараат партнер требаше да стават ананас свртен наопаку во својата кошничка.
Хели Хименез, директорка за меѓународен маркетинг во организацијата Business Finland, изразила воодушевување од новата иницијатива.
Таа се надева дека учесниците ќе се заљубат – едни во други, во финската храна или во земјата како нивна нова омилена туристичка дестинација.
Хелсинки или Тампере – учесниците нема да знаат каде патуваат
Еден од најинтересните детали е што избраните 16 учесници нема да знаат дали ќе завршат во Хелсинки или во Тампере сè додека организаторите не им го потврдат изборот.
Без разлика на тоа кој град ќе им биде доделен, ги очекува посебно туристичко искуство.
Хелсинки, финската престолнина на брегот на Балтичкото Море, е познат по својата архитектура, прекрасните погледи и развиената култура на пиење кафе.
Едно од најпознатите места за набљудување на зајдисонцето е Хелсиншката катедрала, впечатлив пример на неокласична архитектура со купола што се издигнува на околу 80 метри над морското ниво.
Градот е познат и по бројните кафулиња, а посетата на нив е еден од начините на кои туристите ја запознаваат локалната атмосфера.
Доколку групата биде сместена во Хелсинки, завршната вечера ќе ја подготвува Адел Кинунен, главна готвачка во ресторанот Café Savoy, која учествувала во натпреварувањето „MasterChef Professionals“.
Од друга страна, доколку патувањето ги однесе во Тампере, учесниците ќе имаат можност да посетат една од околу 70-те познати јавни сауни во градот.
Иако сауните се отворени во текот на целата година, февруари е особено популарен период за нивна посета. За авантуристите, искуството може да вклучува и капење во ледена вода по релаксацијата во сауна.
Завршната вечера во Тампере ќе ја осмисли Хенри Тиканен од ресторанот Gösta, кој ја претставувал Финска на престижниот гастрономски натпревар „Bocuse d'Or“, познат и како Олимпијада на гастрономијата.
Како да се пријавите за бесплатното патување?
Заинтересираните имаат рок до 10 ноември 2026 година да испратат пријава.
Постапката е едноставна. Потребно е да снимат видео во кое ќе одговорат на прашањето:
„Што би послужиле на вечера со личност што штотуку сте ја запознале и зошто?“
Видеото треба да го објават на Instagram, TikTok или YouTube, со хаштагот #FinnishDinnerDate и означување на профилот на Visit Finland.
Потоа треба да го пополнат пријавниот формулар на веб-страницата FinnishDinnerDate.com и да го внесат линкот до објавеното видео.
Пријавувањето официјално завршува во вторник, на 10 ноември 2026 година, во 9:59 часот по GMT, односно во 10:59 часот по средноевропско време.
Имињата на избраните учесници ќе бидат објавени на 1 декември на Instagram и TikTok профилите на Visit Finland.
Можеби токму едно кратко видео за омилената вечера ќе биде почеток на патување кое ќе донесе многу повеќе од убави фотографии и нови туристички искуства
