„Македонски идол“ се враќа по 16 години: Еве како да се пријавите
Актуелно

„Македонски идол“ се враќа по 16 години: Еве како да се пријавите

30. 09. 2026.

Македонија повторно ќе бара нов музички идол. Шеснаесет години по емитувањето на првата сезона на „Македонски идол“, младите пејачи повторно добиваат можност да се претстават пред пошироката публика, а Македонската радио-телевизија отвора конкурс за кандидати на возраст од 16 до 30 години.

Последното вакво големо телевизиско музичко натпреварување македонската публика го следеше во 2010 година, кога на А1 телевизија се емитуваше првата и единствена сезона на „Македонски идол“.

Во жирито тогаш беа Игор Џамбазов, Калиопи и Тони Михајловски, додека низ шоуто гледачите ги водеа Ивана и Ненад. Аудициите се одржуваа во десет градови низ земјава, а на крајот победата ја однесе Иван Раденов, пред второпласираниот Мики Секуловски.

Натпреварувањето беше можност за афирмација и на повеќе млади пејачи кои подоцна продолжија со музички кариери, меѓу кои Јана Бурческа и Виктор Апостоловски.

Сега, повеќе од една и пол деценија подоцна, се подготвува нова потрага по музички таленти.

Кој може да се пријави?

МРТ ги повикува заинтересираните кандидати да се пријават на аудициите, а покрај вокалните способности ќе се бараат и сценска енергија, препознатлив музички израз и потенцијал за настап пред публика.

Право на учество имаат кандидати кои на денот на првата аудиција имаат од 16 до 30 години и се македонски државјани или имаат регулиран престој во земјава.

Ограничување во однос на музичкиот жанр нема. Може да се пријават изведувачи на поп, рок, народна, урбана, џез и авторска музика.

Што треба да содржи пријавата?

Кандидатите треба да ја испратат својата пријава на idol@mrtkasting.com, а во неа да достават име и презиме, датум и место на раѓање, град или општина, телефонски број и адреса за електронска пошта.

Потребна е и кратка биографија до 150 зборови, како и линк или видео со изведба на една или две песни, со максимално времетраење од три минути.

За самата аудиција треба да бидат подготвени две песни по сопствен избор, при што едната може да биде на македонски јазик. Музичките матрици ќе треба да бидат доставени однапред, во формат што дополнително ќе биде договорен.

Аудиции се планираат во повеќе градови

Потрагата по нови музички имиња нема да биде ограничена само на Скопје. Предвидено е аудициите да се организираат во повеќе градови низ Македонија.

За нивната реализација се планираат и соодветни промени во финансискиот план на МРТ, пред сè во делот на продукциските и патните трошоци.

Истовремено, јавниот сервис подготвува пошироко освежување на својата забавна програма и реализација на познати меѓународни телевизиски формати. Меѓу најавените проекти е и музичкото шоу „Х-фактор“.

Со новите формати МРТ планира да ѝ даде поголем простор на музичката и забавната програма од сопствена продукција.

По 16 години пауза, на сцената треба да пристигне нова генерација кандидати, а останува да се види кој од нив ќе успее да ги освои и жирито и публиката и да стане новото музичко име што ќе го привлече вниманието на Македонија.