Годишната стапка на инфлација достигнала 61,4 проценти, додека официјалните податоци покажуваат дека цените на храната во земјата на годишно ниво пораснале за дури 128,1 процент.
Ријалот нагло ослабна откако на 24 август американското Министерство за финансии дополнително ги прошири санкциите кон Иран, вклучувајќи и секундарни санкции, со цел да ги ограничи финансиските врски на Техеран и да изврши притисок за завршување на конфликтот.
„Министерството за финансии ги проширува категориите активности поврзани со Иран кои во иднина би можеле да бидат предмет на секундарни санкции, со што се олеснува преземањето мерки против оние кои му обезбедуваат поддршка на режимот“, соопшти американското Министерство за финансии.
Асошиејтед прес објави дека САД на почетокот на септември вовеле санкции кон турската инвестициска банка Golden Global, додека претходно на листата на американското Министерство за финансии се нашла и една египетска банка во Обединетите Арапски Емирати.
Европската Унија, пак, кон крајот на септември минатата година повторно воведе санкции кон Техеран поради развојот на нуклеарната програма, а годинава санкциите биле проширени шест пати.
Мерките, меѓу другото, вклучуваат замрзнување на имотот и забрана за ставање финансиски средства на располагање на санкционирани правни и физички лица.
Централната банка на Италија потврди дека иранската банка Sepah, на која САД ѝ воведоа санкции уште во 2020 година, се наоѓа под принудна управа во Италија.
Во одговор до Iran International, иранска сателитска телевизија која емитува од Лондон, Банката на Италија навела дека принудната управа била воведена на 3 октомври минатата година, во согласност со рестриктивните мерки.
Финансиските врски на Иран со светот дополнително се намалуваат
Прекинувањето на финансиските врски на Иран со други земји не е резултат само на усогласувањето со американските и европските санкции.
Ројтерс минатата недела објави дека Централната банка на Обединетите Арапски Емирати го забранила работењето на водечката иранска комерцијална банка Melli, вклучително и финансирањето на трговијата и трансферот на средства.
Обединетите Арапски Емирати, еден од сојузниците на САД на Блискиот Исток, минатиот месец до понатамошно известување ги суспендирале сите финансиски и економски трансакции со Техеран поради заканата од ирански балистички ракети.
Од почетокот на војната на Блискиот Исток, Иран во повеќе наврати со беспилотни летала и ракети ги нападна Обединетите Арапски Емирати, кои претходно претставуваа една од главните економски врски на Техеран со светот, како и други земји од Персискиот Залив за кои Иран тврдеше дека им помагаат на САД во војната.
