Платата стигнува, сметките се плаќаат, а парите исчезнуваат многу пред крајот на месецот. Дали проблемот секогаш е во висината на примањата или и во начинот на кој ги трошиме?
За финансиската дисциплина, штедењето, кредитите и инвестирањето разговаравме со Коста Костов, дипломиран правник со положен правосуден испит, кој денес работи како советник за лични финансии. Тој поседува лиценци за осигурителен брокер, инвестициски агент и пензиски агент.
Неговата порака е едноставна: финансиската сигурност не почнува со голема плата, туку со добра навика.
Кој е Коста Костов и како би им се претставиле на нашите читатели?
Јас сум 40-годишен семеен човек, дипломиран правник со положен правосуден испит, кој професионално се посвети на подобрување на личните финансии кај луѓето. Поседувам лиценци за осигурителен брокер, инвестициски агент и пензиски агент.
Како од правото стигнавте до советувањето за лични финансии?
Искрено – случајно. Имав 27 години и не сакав времето по работа да го поминувам без никаква дополнителна активност. Добив можност хонорарно да работам во продажба на осигурување, а по две години сфатив дека тоа станува моја животна и професионална определба.
Што точно подразбира работата на советник за лични финансии?
Прво треба да откриеме зошто некој не е задоволен од својата финансиска состојба. Потоа утврдуваме дали има простор за подобрување на дисциплината и штедењето, каде би можеле да се чуваат или да се вложат заштедените средства и, конечно, како човекот може да ги зголеми своите приходи и да стане финансиски постабилен.
Со какви проблеми најчесто Ви се обраќаат граѓаните?
Најголемиот проблем е недостигот од финансиска дисциплина. Повеќето луѓе трошат колку што заработуваат, а дел трошат и повеќе, поради што постојано се задолжуваат.
Најмал е бројот на оние што веќе имаат заштеда и бараат совет каде да ги вложат парите.
Колку Македонците се финансиски писмени?
Како општество не можеме да се пофалиме со високо ниво на финансиска писменост. Но, незнаењето само по себе не е најголемиот проблем – проблем е кога не сакаме да признаеме дека нешто не знаеме.
Најчесто грешиме затоа што не планираме долгорочно. Треба однапред да ги земеме предвид и очекуваните и неочекуваните настани за кои ќе ни бидат потребни пари.
Луѓето често велат: „Месецов ми дојде регистрацијата за автомобилот“, како да станува збор за изненадување. Но регистрацијата е целосно предвидлив трошок и за неа може да се штеди во текот на целата година.
Зошто многу вработени остануваат без пари пред следната плата?
Најчесто затоа што ја пуштиле чергата подолго отколку што можат да се покријат.
Постојат само две можности за на крајот од месецот да ни останат пари: или ќе трошиме помалку или ќе заработуваме повеќе.
И двете решенија имаат цена. Во првиот случај треба да се откажеме од одредени задоволства, а во вториот да вложиме дел од слободното време во дополнителна работа, учење или професионален развој.
Ако не избереме која цена сме подготвени да ја платиме, еден ден многу повисока цена може да ни наплати извршителот.
Како правилно да ја распределиме месечната плата?
Најважно е веднаш по добивањето на платата да издвоиме сума што ни е прифатлива. Најдобро е тоа да се направи автоматски, со траен налог на посебна сметка.
На тој начин краткорочно се заштитуваме самите од себе, а долгорочно создаваме средства со кои ќе можеме да ги покриеме идните финансиски потреби.
Не треба да го штедиме само она што ќе ни остане откако ќе потрошиме сè. Штедењето треба да биде првата, а не последната ставка во месецот.
Колкав дел од платата треба да го штедиме?
Не постои процент што еднакво одговара за секој човек. За некого почетокот ќе биде со 5%, за друг со 10% или 15% од платата.
Најважно е сумата да биде реална и да се издвојува редовно. Подобро е секој месец дисциплинирано да штедиме мал износ отколку да поставиме нереална цел и брзо да се откажеме.
Како да штеди некој чија плата едвај ги покрива основните трошоци?
Кога нема реален простор за намалување на трошоците, фокусот треба да биде насочен кон зголемување на приходите.
На краток рок, тоа може да значи дополнителна работа – достава, чување деца или друга услуга со која времето директно се заменува за пари.
Долгорочното решение е учење нови вештини и зголемување на сопствената вредност на пазарот на труд. Потребно е редовно да се следат огласите и да се бара работна позиција што нуди подобра плата и поголема можност за развој.
Дали повисоката плата автоматски носи подобра финансиска состојба?
Не секогаш. Повисоката плата помага, но ако со неа пропорционално пораснат и трошоците, повторно нема да остане ништо.
Постојат луѓе со високи приходи кои се презадолжени и луѓе со поскромни примања кои имаат добра финансиска дисциплина. Приходот е важен, но без контрола на трошењето не гарантира стабилност.
Колку плати треба да имаме заштедено како резерва?
Добро е да имаме заштеда во висина од најмалку три месечни плати. Таа резерва треба да ни служи како финансиски „ербег“ во случај на губење на работата, болест, итна поправка или друга непредвидена животна ситуација.
Како да се подготвиме ако сакаме да дадеме отказ?
Првиот услов е да имаме финансиска резерва. Потоа треба реално да ги процениме своите квалитети, но и да провериме што бара и што нуди пазарот на труд.
Секој вработен би требало да одвојува барем пет минути дневно за да ги разгледа огласите за работа. Тоа не значи дека мора веднаш да ја напушти сегашната позиција, туку дека треба да биде информиран за можностите, платите и вештините што се бараат.
Промената на работното место е процес што вклучува следење на пазарот, надградување и добро преговарање за условите.
Дали е оправдано да прифатиме пониска плата за работа што нуди поголем развој?
Да, доколку пониската плата е привремена, а новата позиција нуди конкретно знаење, искуство и можност за напредување.
Најважното прашање е: „Што можам да научам на ова работно место?“
Работното место може да го изгубиме, но знаењето и вештините остануваат наш капитал, кој во иднина може да ни донесе и повисоки приходи.
Што треба да гледаме покрај висината на платата?
Можноста за учење, напредување и личен и професионален развој. Висината на платата е важна, но треба да ги разгледаме и работната средина, условите, стабилноста и знаењето што ќе го стекнеме.
Ако сегашниот работодавач не ги препознава и не ги вреднува нашите квалитети, можно е друг работодавач да ги препознае.
Кога кредитот е оправдан, а кога станува стапица?
Кредитот може да биде оправдан во итни ситуации и при решавање на станбеното прашање, но само ако ратата е одржлива во однос на приходите.
Станбениот кредит веднаш обезбедува покрив над глава, може да го замени трошокот за кирија, а недвижноста останува имот што има вредност.
Кредитот станува стапица кога со него финансираме животен стандард што реално не можеме да си го дозволиме или кога земаме нов долг за да отплаќаме стар.
Може ли човек со просечна плата да инвестира?
Секој човек треба да инвестира, но инвестицијата не мора секогаш да биде финансиска.
Лицата со пониски приходи можат да инвестираат во вештини што се барани на пазарот на труд – преку бесплатни онлајн-курсеви, обуки, преквалификации, колеџи или стручни работилници.
Оние што веќе создаваат заштеда можат, во согласност со своите цели и подготвеноста за ризик, да разгледаат можности за вложување. Целта е капиталот долгорочно да расте и да не ја губи вредноста поради инфлацијата.
Со колкава сума може да се започне?
Во инвестициските фондови во Македонија може да се започне и со релативно мала сума, на пример со 1.000 денари.
Тоа не значи дека вложувањето е без ризик. Пред секоја одлука треба да се проверат трошоците, условите, нивото на ризик и временскиот период на вложувањето.
Кои три навики треба да ги усвои секој млад човек со првата плата?
Прво, да троши помалку отколку што заработува.
Второ, редовно да издвојува и долгорочно да инвестира дел од заштедата, за да го искористи ефектот на сложената камата.
Трето, постојано да вложува во личниот и професионалниот развој, со цел во иднина да може да заработува повеќе.
Кој е Вашиот најважен совет за секој вработен што сака поголема финансиска сигурност?
Постојано да работи на себе и да учи.
Покрај стручните вештини, треба да ги развиваме и комуникацијата, продажбата, преговарањето, емпатијата и односот кон луѓето. Ние сме социјални суштества и токму овие способности често одлучуваат колку ќе напредуваме и колку ќе заработуваме.
Финансиската сигурност не се создава со еден голем потег, туку со мали, паметни и дисциплинирани одлуки што ги повторуваме секој месец.
