Слаби се резултатите и по другите предмети. Основното ниво по математика го достигнале само 32 отсто од учениците, а по природни науки 36 отсто. Во сите три области Македонија е значително под просекот на ОЕЦД, а кај математиката е забележан и пад во однос на 2022 година.
ПИСА покажува и дека дигиталните уреди стануваат сериозен фактор во училниците. Една третина од учениците велат дека соучениците често се расеани поради нив, додека 44 отсто користат чет-ботови со вештачка интелигенција најмалку еднаш неделно за учење, истражување или подготовка на задачи.
Проблем е и редовноста на наставата. Околу 35 отсто од учениците пропуштиле цел училишен ден, 41 отсто пропуштиле час, а 57 отсто задоцниле на училиште во двете недели пред тестирањето. Воедно, се бележи и пад на редовната поддршка од родителите.
Во ПИСА 2025 учествувале 6.977 ученици од Македонија, односно репрезентативен примерок од 124 училишта. Истражувањето опфатило повеќе од 760.000 петнаесетгодишници од 91 земја и економија.
ПИСА не проверува само дали учениците ги научиле лекциите, туку дали знаат да го применат знаењето во реални ситуации. А резултатите покажуваат дека македонското образование има сериозен предизвик – и дека проблемот е многу поширок од самите оценки.
