Според коментарите на граѓаните, особено проблематична е редовноста на автобусите. Често се случува автобусите да доцнат или воопшто да не се појават, што им создава проблеми на оние кои патуваат на работа или на училиште.
Дел од граѓаните укажуваат и на начинот на возење. Наглото тргнување и кочење, според нив, создаваат ризик за патниците, особено за децата, повозрасните, бремените жени и лицата со попреченост.
Како проблем се посочува и недостатокот на информации – нема доволно јасни мапи со автобуски линии, а во дел од автобусите патниците тешко можат да видат на која станица се наоѓаат поради рекламните фолии на прозорците.
Сепак, дел од критиките се однесуваат и на самите патници. Граѓаните се жалат на фрлање отпад, јадење и пиење во автобусите, валкање на седиштата и несоодветно однесување, но има и такви кои потсетуваат дека за состојбата во јавниот превоз придонесуваат сите – и институциите и корисниците.
Хигиената и состојбата на автобусите исто така се честа тема. Некои патници велат дека автобусите се стари, бучни и со дефекти, додека други сметаат дека дел од оштетувањата и нечистотијата се последица на неодговорното однесување на патниците.
За многумина, сепак, најголем проблем останува непредвидливоста на превозот – долго чекање, откажани или нередовни линии и недостаток на навремени информации.
„Повеќе време поминувам на автобуските станици и во автобусите отколку на работното место“, е еден од коментарите што најдобро го илустрира незадоволството на дел од скопјани.
Граѓаните очекуваат подобра организација, поредовен и побезбеден превоз, но и поголема одговорност од самите патници за зачувување на јавниот простор.
