Видеонадзорот ќе опфаќа паркови, детски игралишта, плоштади, фонтани, контејнери и канти за отпад, но и сообраќајни знаци, семафори, канделабри, улично осветлување и друга инфраструктура во надлежност на Град Скопје.
Од Градот посочуваат дека системот ќе има улога и во спречување на намерно предизвикување пожари, создавање диви депонии и незаконско фрлање отпад, со цел јавните простори да бидат почисти, побезбедни и поуредни.
За следење и управување со видеонадзорот ќе биде формиран Контролен центар во просториите на Град Скопје, каде пет вработени ќе работат во три смени. Пристапот до снимките ќе биде ограничен и евидентиран, а нивното прегледување ќе биде можно само со писмено барање и одобрение од градоначалникот.
Снимките ќе се чуваат до 30 дена, освен во случаи кога законски е предвиден подолг рок. На секоја локација со видеонадзор ќе има и видливо известување дека просторот е под видео надзор.
Засега нема информации колку ќе чини набавката и одржувањето на системот, ниту кога камерите би почнале да се поставуваат и на други локации.
