Во својата објава, магазинот го издвојува Охридското Езеро како попристапна и помирна алтернатива на познатото италијанско езеро Комо. Додека Комо годишно привлекува повеќе од еден милион туристи, според „Тајм аут“, во Европа постојат и други импресивни езерски предели кои се помалку посетени.
Охридското Езеро се наоѓа на границата меѓу и Албанија и е едно од најстарите и најдлабоките езера во Европа. Магазинот го опишува пејзажот како еднаков на оној што може да се види на Комо – со чиста сина вода, планини во позадина и брег покрај кој се сместени историски населби.
Особено внимание е посветено на Охрид, главниот туристички центар на македонската страна од езерото. Стариот дел на градот е препознатлив по тесните калдрмисани улици и големиот број средновековни цркви. Според легендата, некогаш во Охрид имало 365 цркви – по една за секој ден во годината.
Како дел од препознатливиот пејзаж се издвојуваат и теракотните покриви на куќите кои се спуштаат кон езерото. Посетителите, според магазинот, денот можат да го поминат во пливање и разгледување на античките остатоци, а вечерите во уживање во зајдисонцето зад планините, без високите цени карактеристични за одморот во Ломбардија.
„Тајм аут“ ја издвојува и албанската страна на езерото, која, како што наведува, нуди подив и помирен пејзаж, со мали села покрај брегот. Меѓу нив е и Лин, каде што можат да се видат остатоци од стар мозаик.
За посетителите се достапни и кампови покрај езерото, каде што може да се најдат лежалки и сместување по пониски и попристапни цени.
Според патеписците на „Тајм аут“, листата на 10-те најубави места во Европа изгледа вака:
- Охридско Езеро, Македонија
- Топли извори Сатурнија, Тоскана, Италија
- Џајновски насип, Северна Ирска
- Алберобело, Апулија, Италија
- Почитељ, Босна и Херцеговина
- Норвешки фјордови, Норвешка
- Кју Гарденс, Лондон, Велика Британија
- Канал Принсенграхт, Амстердам, Холандија
- Долина Мозел, Германија
- Каса Батљо, Барселона, Шпанија
Со првото место на оваа листа, Охридското Езеро се најде пред некои од најпознатите европски природни и културни знаменитости, а „Тајм аут“ особено го нагласува неговиот спој од природна убавина, историја, мир и попристапни цени.
