Апликацијата во текот на октомври треба официјално да биде промовирана од Министерството за дигитална трансформација, најави ресорниот министер Стефан Андоновски.
Покрај дигиталните лични документи, преку „м.Услуги“ граѓаните ќе имаат пристап и до две електронски услуги од јавната администрација. Целта е државните услуги постепено да станат подостапни и граѓаните да можат да ги користат директно преку мобилен телефон.
„Во апликацијата ќе бидат достапни електронски верзии на личната карта и возачката дозвола, како и две електронски услуги за граѓаните“, изјави Андоновски при гостување на Канал 5.
Апликацијата е замислена како дигитален паричник во кој корисниците на едно место ќе можат да пристапуваат до своите лични документи и до услугите на јавната администрација.
Според Андоновски, во изминатиот период се работело и на сајбер-безбедноста, заштитата и чувањето на личните податоци, како и на нивната размена со Министерството за внатрешни работи.
Засега станува збор за најава за електронски верзии на документите. Повеќе детали за начинот на користење, достапните услуги и тоа дали дигиталните документи ќе можат целосно да ги заменат физичките, се очекуваат при официјалното претставување на апликацијата во октомври.
