Националниот дата-центар ќе чини 20 милиони евра: Познато каде би можел да се гради
Актуелно

Националниот дата-центар ќе чини 20 милиони евра: Познато каде би можел да се гради

16. 09. 2026.

Македонија е чекор поблиску до изградба на Национален дата-центар, инвестиција проценета на 20 милиони евра, кој треба да стане централно место за чување и управување со податоците на државните институции.

Веќе е определена и потенцијална локација за објектот. Според министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, најверојатно станува збор за простор во близина на технолошко-индустриските развојни зони Скопје 1 и Скопје 2.

Локацијата е во близина на Скопје и автопат, а достапна е и оптичка инфраструктура, што ја прави погодна за ваков тип објект.

Дополнителна предност е што станува збор за парцела без плодно земјиште и со доволно простор за понатамошно проширување. Како една од идните можности се разгледува и изградба на фотонапонска централа, од која дата-центарот би можел да добива дел од потребната електрична енергија.

Инвестицијата е 20 милиони евра

За реализација на проектот се предвидени 20 милиони евра, при што 70% од средствата треба да бидат наменети за изградба на самиот објект, а преостанатите 30% за негово опремување.

Проектот ќе се финансира со државни средства, но има и 30% грант-компонента.

Во моментов се бара соодветна меѓународна финансиска институција која би се вклучила во финансирањето. Иако се воделе разговори со Светската банка, таа нема да може да го финансира проектот поради некомпатибилност со барањата на Европската Унија.

Според Андоновски, Владата разговара со повеќе потенцијални финансиери кои ги исполнуваат европските услови. Во понапредна фаза се и разговорите со Банката за развој при Советот на Европа, а конечната одлука ќе зависи од условите и понудите што ќе бидат доставени.

Изградбата и опремувањето ќе траат до две и пол години

Од почетокот на градежните активности до целосното пуштање на дата-центарот во употреба се проценува дека ќе бидат потребни околу две до две и пол години.

Еден од предизвиците е цената на хардверската опрема, која во изминатиот период значително порасна во услови на големи глобални инвестиции во технолошка и инфраструктура за вештачка интелигенција.

Поради неизвесноста околу идните цени, проектот се планира модуларно, што ќе овозможи дополнително опремување и проширување во иднина.

Тоа би можело да вклучува поставување дополнителна инфраструктура, колокација на опремата што ја користат постојните институции, како и инфраструктура потребна за примена на вештачка интелигенција.

Планот е периодот 2027–2028 година да се искористи за набавка на опремата, при очекувања дека цените на дел од хардверските компоненти би можеле да стагнираат или да почнат да се намалуваат.

Податоците на државните институции ќе се преселат во новиот центар

Во моментов Македонија располага со резервен дата-центар во Прилеп, кој е под надлежност на Министерството за внатрешни работи.

Откако новиот Национален дата-центар ќе биде изграден и пуштен во употреба, планирано е постепено мигрирање на податоците од државните институции во новата инфраструктура.

Една од главните цели на проектот е и подобрување на сајбер-безбедноста на државниот систем, особено по повеќето случаи во кои институциите беа цел на сајбер-напади.

Со новиот дата-центар државата треба да добие централизирана и модерна инфраструктура која ќе може дополнително да се проширува во согласност со идните дигитални потреби.