Римските патишта низ Македонија: Откриени древните правци меѓу Скопје, Стоби и Охрид
Актуелно

Римските патишта низ Македонија: Откриени древните правци меѓу Скопје, Стоби и Охрид

16. 09. 2026.

Нова студија објавена во „Nature Communications“ анализира речиси 300.000 километри антички копнени патишта и открива како била поврзана Римската Империја. Истражувањето покажува дека Константинопол имал поповолна положба од Рим за копнено патување низ империјата.

Во анализата е користена „Itiner-e“, најдеталната отворена дигитална база на римски патишта досега. Кога мапата ќе се пресече со територијата на денешна Македонија, се издвојуваат 39 сегменти, групирани во 20 именувани врски.

Меѓу позначајните правци се Лихнид–Хераклеја, Хераклеја–Стоби, Стоби–Скупи и Стоби–Тесалоника, како и врските кон Наисус, Пауталија и Астибос, античкиот претходник на денешен Штип.

Сепак, само една делница – на правецот Лихнид–Хераклеја Линкестис – е означена како сигурно лоцирана. Останатите се реконструирани врз основа на историски и археолошки податоци, но нивната точна траса не е целосно потврдена.

Една од најважните патни артерии била Виа Егнација, која го поврзувала Јадранот со Солун, Тракија и Византион, минувајќи низ Лихнид и Хераклеја.

Стоби, пак, бил значајна крстосница бидејќи од него патиштата се разгранувале кон Скупи, Наисус, Тесалоника, Хераклеја и Пауталија.

Студијата покажува и дека римските патишта не биле секогаш прави. На рамни терени биле подиректни, додека планините, долините и премините ја диктирале трасата. Интересно е што современите главни патишта во просек се поправи од античките.

Истражувањето, сепак, не претставува конечна карта на римските патишта во Македонија. Напротив, покажува колку од трасите сè уште не се прецизно потврдени и каде има простор за нови археолошки истражувања.