Апликацијата треба официјално да биде претставена пред јавноста во октомври, најави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во емисијата „Меѓу редови“ на Алфа ТВ.
Користењето на м.Услуги нема да биде задолжително, што значи дека граѓаните кои сакаат ќе можат и понатаму да ги користат физичките лични документи.
Што ќе може да се најде во апликацијата?
м.Услуги е замислена како единствена дигитална точка преку која граѓаните ќе можат да пристапуваат до своите документи, но и да користат различни услуги од државните институции.
Во првата верзија ќе бидат достапни електронската лична карта и електронската возачка дозвола, како и неколку електронски услуги од јавната администрација.
Целта, според Андоновски, е постепено да се намали потребата од користење повеќе различни апликации и системи за завршување административни обврски и тие да се обединат на едно место.
Проектот е вреден 1,5 милиони евра
Новата апликација е развиена во рамки на проект вреден 1,5 милиони евра, реализиран во соработка со институции од Полска и Украина и со Европската Унија.
Според Андоновски, средствата за изработка не се обезбедени од државниот буџет. Проектот бил договорен во 2024 година, а самата апликација е изработена од македонски инженери и останува во сопственост на државата.
Планот е до 2028 година да стане европски дигитален паричник
Верзијата што ќе биде претставена во октомври е само почеток на развојот на м.Услуги.
Апликацијата треба постојано да се надградува со дополнителни документи, услуги и функционалности, а долгорочниот план е таа да прерасне во дигитален паричник.
Крајната цел утврдена во Реформската агенда е до 2028 година Македонија да има европски дигитален паричник, со што, според најавите, земјата би била меѓу првите петнаесетина европски држави со вакво решение.
Најавени казни за институциите што не прифаќаат електронски документи
Андоновски посочи дека сè уште има институции кои не ги прифаќаат електронските документи на граѓаните, иако имаат законска обврска да го прават тоа.
За институциите и другите правни лица кои нема да ги почитуваат законските одредби се предвидени казни, а нивното постапување во наредниот период ќе биде предмет на контрола од надлежниот инспекторат.
Со воведувањето и понатамошното надградување на м.Услуги, идејата е граѓаните постепено да добијат едно место на мобилниот телефон преку кое ќе можат да пристапуваат до личните документи и до сè поголем број државни услуги.
