Скопје повторно ќе се наполни со Дедо Мразовци: Започна пријавувањето за традиционалната Дедомразовска трка
Актуелно

Скопје повторно ќе се наполни со Дедо Мразовци: Започна пријавувањето за традиционалната Дедомразовска трка

26. 11. 2026.

Празнична музика, дедомразовски костими, семејна забава и бројни новогодишни награди – Скопје и годинава ќе ја испрати старата година со традиционалната Coca-Cola Дедомразовска трка, која по дванаесетти пат ќе се одржи на улиците на главниот град.

Годинешното издание е закажано за 27 декември (недела), со почеток во 12:30 часот, со старт и цел на плоштадот „Македонија“.

Настанот е наменет за сите генерации, а учесниците ќе можат да трчаат или да пешачат на патека долга околу два километри низ центарот на Скопје.

Учесниците ќе се движат по кејот на Вардар од страната на ГТЦ, ќе го преминат мостот „Слобода“, ќе продолжат по спротивната страна на кејот кон Камениот мост, преку кој повторно ќе се вратат на градскиот плоштад.

Колку чини учеството и како да се пријавите?

Индивидуалното и семејното пријавување е отворено до 24 декември или до пополнување на предвидените места.

Цените за индивидуално учество се:

  • 500 денари со вклучен дедомразовски костим за пријавување до 30 ноември;

  • 600 денари со вклучен костим за пријавување од 1 декември;

  • 300 денари за учесниците кои имаат сопствен костим, во текот на целиот период.

Достапни се и семејни пакети по повластени цени, кои вклучуваат костим за секој член на семејството.

Сите учесници, вклучително и возрасните кои ги придружуваат децата, мора да бидат пријавени, да имаат стартен број и да носат костим на Дедо Мраз. Децата помлади од седум години задолжително учествуваат во придружба на родител или старател.

Новогодишни пакетчиња, вредносни ваучери и велосипед како главна награда

За децата до 10 години се предвидени новогодишни пакетчиња, а за да ги добијат, потребно е да бидат пријавени до 20 декември или до пополнување на местата.

Тројцата најбрзи мажи и трите најбрзи жени ќе добијат медали и вредносни ваучери од 9.000, 7.000 и 5.000 денари, во зависност од пласманот. Медали ќе добијат и првите три момчиња и првите три девојчиња до 10 години.

По завршувањето на трката ќе се одржи и новогодишна лотарија во која ќе учествуваат сите стартни броеви.

Покрај велосипедот како главна награда, ќе бидат доделени и три ваучери во вредност од по 5.000 денари и десет стартни пакети за „Sparkasse Life ПРВ ДО ВРВ 2027“.

За да ја подигнат наградата, добитниците ќе треба да бидат присутни на извлекувањето и да го имаат својот стартен број.

Програма на Дедомразовската трка – 27 декември

  • 10:00 – 12:00 часот – Подигнување на стартните броеви и костимите;

  • 11:30 часот – Музичка програма и заедничко загревање со фитнес-инструктор;

  • 12:30 часот – Почеток на трката;

  • 13:00 часот – Прогласување на победниците;

  • 13:15 часот – Новогодишна лотарија.

Настанот го организира Здружението за спорт и рекреација „Прв до врв“, со поддршка од Coca-Cola, Пивара Скопје и Град Скопје.

Организаторите ги повикуваат граѓаните од сите возрасти да облечат дедомразовски костим, да им се придружат на своите најблиски и заедно да ја испратат 2026 година во весела и празнична атмосфера.

Пријавувањето е отворено до 24 декември или до пополнување на местата, на prvdovrv.mk/dedomrazovska.