Чувањето деца одамна не се сведува само на неколку часа додека родителите се на работа или имаат вечерни обврски. Сè почесто семејствата бараат дадилка која ќе биде со детето шест, осум или повеќе часа дневно, а со зголемувањето на обврските расте и сумата што се нуди.
Од 200 до 450 денари за еден час
Актуелните понуди покажуваат големи разлики во цените. Дел од дадилките во Скопје ги нудат своите услуги за 200 до 300 денари на час, додека кај одредени ангажмани цената достигнува и 450 денари за час.
Кај редовното чување почесто се договара фиксна месечна плата. Може да се сретнат понуди од околу 30.000 или 33.000 денари, а за одредени целодневни ангажмани сумата достигнува и 60.000 денари месечно.
Едноставната пресметка покажува зошто работата може да донесе солидна заработка. Доколку дадилка работи четири часа дневно, 20 дена во месецот, по цена од 300 денари за час, тоа би биле околу 24.000 денари. Со осум часа дневно, теоретската сума би достигнала 48.000 денари.
Сепак, кај оние што работат повремено со повеќе семејства не значи дека секој работен ден ќе биде целосно пополнет.
Платата зависи и од тоа што родителите очекуваат
Не секој ангажман подразбира исти обврски.
Чувањето петгодишно дете неколку часа попладне значително се разликува од целодневната грижа за бебе. Во вториот случај дадилката може да биде задолжена за хранење, пресоблекување, успивање, прошетки и постојан надзор.
Кај некои семејства во договорот влегуваат и подготовка на оброци за детето, средување по него или други домашни задачи.
Во една актуелна понуда за грижа за шестгодишно дете со посебни потреби, за работно време од 8 до 17 часот била понудена плата од 35.000 денари, при што дополнителните часови се плаќале одделно.
Повременото и ноќното чување може да биде поскапо
Кога дадилката е потребна само неколку часа, навечер или за време на викенд, цената по час може да биде повисока.
На пазарот може да се најдат понуди од околу пет евра на час, додека во еден оглас за целоноќно чување била наведена цена од 100 евра.
За дел од родителите и 300 денари за еден час изгледаат многу, но вакви тарифи веќе се среќаваат во понудите за повремено чување деца.
Искуството и препораките ја креваат цената
Кај дадилките не се плаќа само времето поминато со детето. Искуството, возраста на детето и обемот на одговорностите можат значително да влијаат врз цената.
Предност можат да бидат и добрите препораки од други семејства, искуството со бебиња, познавањето странски јазици, возачката дозвола, како и достапноста за работа навечер, за време на викенд или со преноќување.
Податоците за платите покажуваат дека 80 отсто од дадилките заработуваат приближно меѓу 24.000 и 38.000 денари месечно, додека најплатените 10 отсто се над границата од околу 37.500 денари.
За многу родители дадилката веќе не е луксуз
Побарувачката има и поширока причина. Повеќе од 79.000 деца до шестгодишна возраст во Македонија не се опфатени со некаква форма на предучилишно образование и грижа, а за исполнување на националната цел до 2032 година би биле потребни околу 19.000 дополнителни места.
Кога на тоа ќе се додадат работното време на родителите, недостигот од слободни места во градинките и потребата од флексибилност, за дел од семејствата ангажирањето дадилка станува практична потреба, а не луксуз.
Од другата страна на равенката, за оние што имаат искуство со деца, доверливи препораки и можност за пофлексибилно работно време, чувањето деца сè повеќе прераснува од повремен ангажман во професија од која може солидно да се заработува.
