Нови правила за угостителите во Скопје: Ѓубрето ќе може да го фрлаат до 1 часот по полноќ
Актуелно

Нови правила за угостителите во Скопје: Ѓубрето ќе може да го фрлаат до 1 часот по полноќ

06. 11. 2026.

Кафулињата, кафеаните и другите угостителски објекти во Скопје ќе имаат три часа повеќе за одлагање на отпадот. Град Скопје ја измени одлуката за времето на фрлање ѓубре, со што на угостителите им се овозможува отпадот да го одлагаат до 1 часот по полноќ.

Со измените на досегашните правила, угостителските објекти добиваат дополнително време за отстранување на отпадот што се создава во текот на нивното работење.

Според одлуката донесена во ноември минатата година, граѓаните можат да фрлаат отпад во контејнерите во периодот од 6 до 22 часот. За непочитување на ова правило е предвидена парична казна од 50 евра.

Угостителските објекти ќе добиваат сопствени контејнери

Покрај продолжувањето на времето за одлагање отпад, Град Скопје започнува и со решавање на проблемот со користењето на јавните контејнери од страна на угостителските објекти.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски информира дека ЈП „Комунална хигиена“ веќе започнало со склучување договори со угостителите за обезбедување сопствени контејнери.

Според него, посебен тим од претпријатието работи на ова прашање, а угостителите ќе плаќаат за подигнување на отпадот согласно утврдениот ценовник на „Комунална хигиена“.

Целта на оваа мерка е да се намали оптоварувањето на контејнерите наменети за домаќинствата, кои често се преполнуваат со отпад од комерцијалните објекти.

Преполните контејнери остануваат проблем во повеќе населби

Во моментов, голем број кафулиња, ресторани и маркети во Скопје немаат сопствени контејнери, поради што картонската амбалажа, остатоците од храна и другиот отпад ги одлагаат во контејнерите што ги користат станарите.

Особено изразен е проблемот во Дебар Маало, каде што поради големата концентрација на угостителски објекти, контејнерите речиси секојдневно се преполни.

Слична состојба се забележува и во други скопски општини.

Со воведувањето посебни контејнери за угостителите и организирано подигнување на нивниот отпад, градските власти очекуваат да се намали притисокот врз постојните контејнери и да се подобри одржувањето на јавната хигиена.