40% ОД ПЛАТАТА ОДАТ ЗА СТАН И СМЕТКИ: Во овие европски земји најтешко се живее!
Актуелно

40% ОД ПЛАТАТА ОДАТ ЗА СТАН И СМЕТКИ: Во овие европски земји најтешко се живее!

02. 11. 2026.

Трошоците за домување стануваат сè поголем товар за европските домаќинства. Цените на становите во Европската Унија од 2015 година до средината на 2026 година пораснале за просечни 69%, а истовремено поскапуваат и кириите и енергијата.

Според податоците на Евростат, повеќе од 34 милиони жители на ЕУ трошат над 40% од расположливиот приход за домување. Просечната стапка на преоптовареност со овие трошоци во 2025 година изнесувала 7,7%.

Најтешка е состојбата во Грција, каде дури 26,4% од населението живее во домаќинства што над 40% од приходите ги издвојуваат за домување. Следуваат Данска со 14,7%, Германија со 11,2% и Шведска со 10,8%.

Од друга страна, најниска стапка има Кипар со само 2,4%, а меѓу земјите со помал товар се и Хрватска, Словенија и Словачка.

Особено загрижувачка е состојбата кај граѓаните со ниски примања. Во ЕУ, речиси 29,1% од луѓето изложени на ризик од сиромаштија трошат повеќе од 40% од приходите за домување. Во Грција овој удел достигнува дури 82,6%.

Експертите предупредуваат дека растот на цените на недвижностите, кириите, каматите и енергијата, кој е побрз од растот на приходите, дополнително го зголемува притисокот врз семејните буџети.