Новата услуга е резултат на партнерството меѓу Uber, Verne и кинеската компанија Pony.ai. Verne е задолжен за возниот парк и функционирањето на услугата, Pony.ai ја обезбедува технологијата за автономно управување, додека Uber ја овозможува интеграцијата на роботакси возењата во својата глобална платформа за нарачување превоз.
Корисниците до услугата пристапуваат директно преку Uber. При нарачувањето треба да изберат UberX или Comfort, а доколку во моментот има достапно автономно возило, апликацијата ќе им ја понуди и таа можност. Корисникот притоа добива информации за возилото, како и инструкции за тоа како да го започне и заврши возењето.
Verne ја започна својата прва комерцијална роботакси услуга во Европа во април. Оттогаш, компанијата реализирала илјадници автономни возења.
„За прв пат во Европа, постои вистинска комерцијална роботакси услуга – луѓето можат да ја користат и да искусат автономно возење“, изјави Марко Пејковиќ, коосновач и извршен директор на Verne.
Компанијата веќе најави и понатамошно проширување. Verne започна преговори за воведување на роботакси услугата во 11 градови низ Европската Унија, Велика Британија и Блискиот Исток.
Иако возилата се автономни, во почетната фаза во секое роботакси ќе има лиценциран оператор кој ќе го надгледува возењето. Планот е во иднина услугата да премине на целосно автономно управување, без потреба од оператор зад воланот.
