Во Македонија дневно се прават 6,7 милиони повици, телефонот ѕвони 78 пати во секунда
Актуелно

Во Македонија дневно се прават 6,7 милиони повици, телефонот ѕвони 78 пати во секунда

20. 08. 2026.

Иако апликациите за допишување и интернет-повици се сè поприсутни во секојдневната комуникација, класичниот телефонски разговор и понатаму е широко користен во Македонија.

Според најновиот годишен извештај на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), во текот на 2025 година преку мобилните мрежи биле реализирани вкупно 2,448 милијарди повици.

Пресметано на дневно ниво, тоа значи дека Македонците во просек правеле околу 6,7 милиони повици дневно, односно приближно 280.000 повици секој час. Во просек, секоја минута биле реализирани повеќе од 4.600 повици, или околу 78 повици во секунда.

Освен по бројот на разговори, високата употреба на мобилната телефонија се гледа и преку времето поминато на телефон. Вкупното времетраење на мобилните повици во 2025 година достигнало 5,37 милијарди минути, што претставува раст од 1,48 отсто во однос на 2024 година.

Во просек, тоа се околу 14,7 милиони минути разговор дневно. Доколку сите разговори остварени во еден просечен ден се спојат во еден непрекинат разговор, тој би траел околу 28 години.

Просечниот телефонски повик траел околу 2,2 минути, додека еден активен мобилен претплатник месечно иницирал во просек 102 повици, односно нешто повеќе од три повици дневно.

И СМС-пораките сè уште се користат, иако нивната популарност опаѓа. Во текот на 2025 година биле испратени 173,3 милиони СМС-пораки, што во просек е околу 475.000 пораки дневно. Во споредба со претходната година, нивниот број е намален за 13,24 отсто, што укажува на сè поголемото користење на интернет-апликациите за комуникација.

За разлика од СМС-пораките, бројот на телефонските повици останал речиси на исто ниво. Во 2024 година биле регистрирани 2,462 милијарди повици, додека во 2025 година бројката изнесувала 2,448 милијарди, што е намалување од само 0,58 отсто. Во исто време, вкупното времетраење на разговорите се зголемило.

На крајот од 2025 година во земјава имало 1.992.046 активни мобилни претплатници, што претставува раст од 0,82 отсто во однос на претходната година.

Овие податоци се објавени во најновиот Годишен извештај за развој на пазарот на електронски комуникации, кој АЕК го објави овој месец.