Fiat 124, кој слави 60 години од премиерата на Саемот во Женева, беше автомобил што ја постави средната класа „на тркала“ – и во оригиналната верзија, и преку својата „челична“ советска варијанта.
Кога се појави во 1966 година, имаше тешка задача – да го замени моделот Fiat 1300/1500. Инженерот Оскар Монтабоне создаде модерна лимузина со чисти линии, која веќе во 1967 година беше прогласена за Европски автомобил на годината. Со мотор од 1,2 литри и 60 коњски сили, во комбинација со лесна каросерија од околу 850 килограми, нудеше одлични перформанси за своето време.
Наследник што ја освои Европа
Fiat 124 не беше само семеен автомобил. Верзијата Special T од 1970 година донесе мотор со две брегасти осовини и 80 коњски сили, како и диск-сопирачки на сите тркала. Подоцна, со мотор од 1,6 литри и 95 КС, моделот доби и спортски карактер, пред да биде наследен од Fiat 131 Mirafiori.
Од Торино до Сибир – приказната за Лада
Иако оригиналниот Fiat 124 беше симбол на стил и квалитет, на југословенските простори најчесто се возеше неговата советска верзија – Лада Жигули. Советите ја поедноставија механиката, го зајакнаа лимот и го приспособија автомобилот за лоши патишта и сурови зими.
Интересно е што, иако требаше да биде „народен автомобил“, Жигули не беше евтин. Во 1970-тите чинел околу 5.500 рубљи, додека просечната плата била околу 120 рубљи – што значело години штедење за едно возило.
Извор: faktor.mk
Производството на Fiat 124 во Италија заврши во 1975 година, но неговото „второ живеење“ продолжи во Шпанија, Турција, Индија и Јужна Кореја. Така овој модел стана еден од првите вистински глобални автомобили.
Шеесет години подоцна, Fiat 124 и неговата „сестра“ Лада остануваат симбол на едно време кога автомобилите имаа душа – а возачите знаеја да бидат и мајстори.
