Македонските туристи подготвени со часови да чекаат на граница за да летуваат во Грција
Актуелно

Македонските туристи подготвени со часови да чекаат на граница за да летуваат во Грција

05. 05. 2026.

Продолжениот викенд уште еднаш ги стави на сериозен тест новите правила и процедури поврзани со системот ЕЕС на Европската Унија.

На граничните премини кон Грција, повторно беа забележани огромни гужви, долги колони и повеќечасовни задржувања, како при влез, така и при излез од земјата. Големиот број туристи од регионот, особено од Македонија и Србија, дополнително го зголеми притисокот врз граничните служби во пресрет на летната туристичка сезона. Иако системот сè уште не се применува целосно за сите државјани од земјите кои не се членки на ЕУ, веќе се чувствуваат последиците од новите процедури. Засега, примената на ЕЕС е одложена за британските туристи, а според најавите од туристичкиот сектор, се очекува привремена суспензија и за Македонија и Србија во текот на летните месеци, со цел да се избегнат километарските колони и целосен сообраќаен хаос на граничните премини.

Од Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори на Македонија информираат дека официјално испратиле барање до Министерството за туризам на Грција за привремено одложување на примената на ЕЕС-системот за македонските државјани во периодот од 1 јуни до 1 септември. Од Комората за весникот „ВЕЧЕР“ велат дека очекуваат официјален одговор до крајот на месецов.

– Треба да добиеме одговор пред почетокот на летните одмори. Се шпекулира дека Србите ќе бидат изземени од системот, но на официјалната страница на грчкото Министерство за туризам засега нема таква информација. Најпогодени ќе бидат викенд-туристите кои патуваат во Грција на неколку дена, додека околу 50 илјади македонски граѓани кои имаат станови и апартмани на Халкидики или во Солун веќе се подготвени за подолги чекања на граница, изјави Аркан Керим, претседател на Туристичко-угостителската комора.

Тој додава дека доколку не се одложи примената на системот, тоа сериозно ќе ги погоди кратките туристички патувања кон Грција.

– Само овој продолжен викенд околу 40 до 50 илјади граѓани ја избегнаа Грција и се одлучија за Охрид, Преспа, Дојран и другите домашни туристички центри. Според нашите информации, грчките погранични служби ќе постапуваат во зависност од состојбата на терен. Ако има големи гужви, можно е туристите да се пуштаат без дополнителни биометриски проверки и подолга обработка на податоците. Не е само Грција – и Шпанија, Италија и Португалија бараат одложување на ЕЕС во текот на летната сезона, за да се избегнат дополнителни застои, додава Керим.

Туристичките работници предупредуваат дека доколку системот почне целосно да се применува во екот на сезоната, постои ризик од уште поголеми гужви, особено на најфреквентните гранични премини како Богородица – Евзони. Според нив, секое дополнително задржување од неколку минути по патник може да создаде часовни колони кога илјадници возила дневно патуваат кон грчките туристички центри.

– Туристите се веќе подготвени и очекуваат гужви на границите. Примената на системот засега не влијае врз откажувањето на аранжманите. Интересот за летување во Грција и ова лето е огромен и аранжманите за јули се речиси распродадени. Намален е интересот само за подалечните дестинации како Турција и Кипар. Во меѓувреме, „Визер“ воведе нови линии кон Италија, Сицилија и Сардинија, па и таму се очекува зголемен број патувања, вели Маја Димитровска, сопственик на туристичка агенција.

Таа смета дека доколку се направи исклучок за српските туристи, истото треба да важи и за македонските граѓани.

– Ниту на Грција не ѝ одговара оваа ситуација бидејќи може да се намали туристичкиот промет во екот на сезоната, додава Димитровска.

Македонските граѓани кои продолжениот викенд патуваа во соседните земји сведочат за огромни гужви и долги колони на граничните премини.

– За влез во Хрватска преку Црна Гора, со автобус, од пристигнувањето на граница до нејзиното поминување, чекавме речиси четири и пол часа, а на враќање три и пол часа. Дел од патниците коментираа дека ова е преголемо задржување и дека на ваков начин се ограничува слободата на движење. Некои веќе размислуваат дали во иднина ќе патуваат во земји каде што се применува ЕЕС-системот, вели еден македонски турист за „ВЕЧЕР“.

ЕЕС-системот е дел од новата европска политика за контрола на надворешните граници и има цел дигитално евидентирање на влезот и излезот на државјани од трети земји. Со него треба да се подобри безбедноста и контролата на престојот во земјите членки на ЕУ, но многу држави предупредуваат дека неговата имплементација може да предизвика сериозни логистички проблеми, особено во туристичкиот шпиц.

По Грција, која привремено ги олесни правилата за британските туристи, Италија и Португалија се споменуваат како следни земји што би можеле да воведат пофлексибилен режим, со цел да се избегнат хаос и застои на аеродромите и границите. Се шпекулира дека слични чекори би можеле да преземат и Шпанија, Франција и Хрватска.

Сè погласни се предупредувањата за можен „домино ефект“, при кој одделни земји би почнале самостојно да ги олеснуваат правилата, што би довело до нерамномерна примена на ЕЕС низ Европа и би ја довело во прашање ефикасноста на целиот систем.

Од авиоиндустријата, меѓу кои и „Рајанер“, веќе побараа привремено суспендирање на системот, предупредувајќи дека патниците чекаат со часови и во одредени случаи дури и пропуштаат летови поради новите процедури.

Доколку продолжи трендот на олабавување на правилата, експертите предупредуваат дека ЕЕС би можел да се применува нерамномерно низ Европа, што практично би значело негов „колапс во практиката“ уште во првата сериозна туристичка сезона.

Извор: vecer.press