Зошто есента годинава започна на 23 септември, а не на 21-ви?
Актуелно

Зошто есента годинава започна на 23 септември, а не на 21-ви?

23. 09. 2026.

Денеска, 23 септември, и официјално започна астрономската есен. И додека често сме навикнати почетокот на годишните времиња да го поврзуваме со 21-ви во месецот, есента може да започне на 22 или 23 септември. Причината не е во календарот, туку во движењето на Земјата околу Сонцето.

Во Македонија астрономската есен годинава започна точно во 02:05 часот, во моментот на есенската рамноденица. Ќе трае 89 дена, 20 часа и 45 минути, до 21 декември во 21:50 часот, кога настапува астрономската зима.

Зошто баш 23 септември?

Датумите на почетокот на годишните времиња не се фиксни. Причината е што календарската година не трае точно колку што ѝ е потребно на Земјата да направи еден циклус на годишните времиња.

Обичната календарска година има 365 дена, додека тропската година трае приближно 365,2422 дена. Поради таа разлика, точниот момент на рамнодениците и краткодениците секоја година се поместува за неколку часа. Престапните години помагаат календарот повторно да се усогласи со астрономскиот циклус.

Токму затоа есента не започнува секоја година на ист датум. На пример, во Скопје во 2025 година есента започна на 22 септември во 20:19 часот, годинава на 23 септември во 02:05, а и во 2027 година ќе започне на 23 септември, но во 08:01 часот. Во 2028 година повторно ќе пристигне на 22 септември.

Ни другите годишни времиња не започнуваат секогаш на 21-ви

Всушност, честото уверување дека пролетта, летото и зимата секогаш започнуваат на 21-ви, а само есента „доцни“, не е точно.

Годинава пролетта започна на 20 март, летото на 21 јуни, есента на 23 септември, а зимата ќе започне на 21 декември. Датумите можат да се менуваат од година во година.

Што точно се случува за време на рамноденицата?

Есенската рамноденица е прецизен астрономски момент кога Сонцето го преминува небесниот екватор од север кон југ.

Иако името „рамноденица“ сугерира дека денот и ноќта траат точно по 12 часа, во реалноста постои мала разлика поради начинот на кој ги определуваме изгрејсонцето и зајдисонцето и поради прекршувањето на сончевата светлина во атмосферата.

Во Скопје денеска Сонцето изгреа во 06:22, а ќе зајде во 18:30 часот, што значи дека дневната светлина трае околу 12 часа и 7 минути.

А метеоролошката есен веќе трае три недели

Постои и друга поделба на годишните времиња. За потребите на климатските анализи, метеоролозите користат фиксни календарски периоди.

Според оваа поделба, метеоролошката есен започнува на 1 септември и завршува на 30 ноември, додека метеоролошката зима започнува на 1 декември.

Астрономската есен, пак, зависи од положбата на Земјата и Сонцето и затоа нејзиниот почеток може да се поместува меѓу различни датуми.

Од денеска на северната хемисфера продолжува периодот на скратување на денот и продолжување на ноќта. Тој ќе трае до зимската краткоденица во декември, по што дневната светлина повторно постепено ќе почне да се зголемува.