Да се најде добар пекар, молер, гипсар, водоводџија, електричар или плочкар станува сè потешка мисија. Иако платите во овие професии во последните години значително пораснаа и во дел од случаите достигнуваат нивоа споредливи со оние во странство, недостигот на работна сила останува еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат компаниите и граѓаните.
Работодавците велат дека побарувачката за квалификувани мајстори е огромна, особено во градежниот сектор, каде што многу проекти се соочуваат со недостиг од изведувачи. Истовремено, граѓаните се жалат дека за најобични поправки во домот мора да чекаат со недели и дека цените на услугите постојано растат.
Градежниот експерт Никола Велковски вели дека проблемот е особено изразен во помалите градови, каде што добри мајстори речиси и да нема.
– Во Скопје сè уште може да се најде занаетчија, но во другите градови тоа е многу потешко. Голем дел од мајсторите се преселија во главниот град или заминаа во странство. Водоводџии, електричари, гипсари, плочкари и инсталатери се меѓу најбараните професии не само кај нас туку и во Европа. Денес е тешко да се најде мајстор и за изградба и за обична поправка во домот – вели Велковски.
Според него, причина за ваквата состојба е долгогодишното занемарување на средното стручно образование.
– Со години младите беа насочувани кон факултетите, додека занаетите се сметаа за помалку атрактивни професии. Денес се гледаат последиците. Побарувачката е огромна, а понудата на работници е мала. Затоа и цените на услугите растат, а добрите мајстори заработуваат многу добро – додава Велковски.
Проблем со кадар има и во мелничко-пекарската индустрија. Иако платите во секторот континуирано растат, интересот кај младите за овие професии останува мал.
– Просечната возраст на вработените пекари е над 58 години. Поради недостигот на кадар, постојано сме принудени да ги зголемуваме платите. Во моментов, платите за мајстор за бурек и за производство на бели печива се движат од 50.000 до 60.000 денари, а другите вработени имаат над 40.000 денари нето-плата. И покрај тоа, интересот за работа е мал – вели Горан Малишиќ, претседател на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија.
Според него, младите сè поретко се одлучуваат за занимања што бараат рачна работа, физички ангажман и работа во специфични услови, иако заработката е солидна и сигурна.
Познавачите на пазарот оценуваат дека професиите што долго време беа сметани за занимања од „втора лига“, денес повторно стануваат едни од најценетите. Електричарите, водоинсталатерите, гипсарите, молерите и плочкарите имаат работа во текот на целата година, а голем дел од нив дополнително работат приватно и остваруваат приходи далеку над просекот.
Експертите предупредуваат дека без поголем интерес за средното стручно образование и без нови генерации квалификувани работници, недостигот на мајстори дополнително ќе се продлабочува. Тоа ќе значи уште повисоки цени на услугите, подолго чекање за изведба на работите и сè поголем притисок врз градежниот сектор и врз другите дејности што зависат од стручната работна сила.
