Олеснување за македонските туристи: Се очекува Грција да го суспендира скенирањето на граница
Актуелно

Олеснување за македонските туристи: Се очекува Грција да го суспендира скенирањето на граница

06. 05. 2026.

Воведувањето на системот за влез и излез (ЕЕС) на границите на Европската Унија, наместо побрз проток на патници, донесе нови застои и гужви, особено во периоди на зголемена фреквенција.

Поради тоа, земјите од регионот бараат привремени решенија и изземања за летната сезона, со цел да се олесни туристичкиот проток. Иако системот ЕЕС беше најавен како брз и електронски начин за поминување на границите на ЕУ, на граничните премини се соочува со сериозни проблеми во имплементацијата. Недостаток на инфраструктура, недоволен број уреди за скенирање, недостиг на обучен кадар, како и технички проблеми со системот, доведоа до значителни задржувања на границите.

Од Националната асоцијација на туристички агенции посочуваат дека поради овие проблеми побарале од Министерството за туризам во Грција привремена суспензија на системот во текот на летната сезона, со цел побрз и поедноставен проток на туристи и подобра туристичка сезона.

Ние како Национална асоцијација побаравме од Министерство за туризам во Грција да се суспендира системот за време на летната сезона се со цел брзо и едноставно поминување и подобра туристичка сезона. За првомајските празници бевме сведоци дека на грчка граница системот не се имплементираше во целост, посебно со автобуските групи кои на влез во Грција беа скенирани, а на излез се одеше со стариот начин на давање пасоши. Ова покажува дека кога има гужви Грците го користат правото да го суспендираат системот за одреден период што дава надеж дека нема да дозволат летната сезона да трпи со многу гужви и дека ќе го направат истото, изјави за „Локално“, Ана Марија Алексова-Малева, претседателка на НАТА.

Таа додава дека, со оглед на тоа што одредени држави се веќе изземени од системот, треба да се разгледа и таква можност за македонските туристи.

„Британците се изземени од системот, Србите бараат, ние бараме изземање, па затоа сметаме дека штом се дозволува за едни може и за останатите, бидејќи колоната е една за сите. Во исчекување сме на одговор од грчките власти за официјален став, но имаме позитивен став дека ќе одобрат изземање за време на летната сезона и дека тоа нема да влијае врз туристите и туристичките агенции“, вели таа.

Извор: biznisinfo.mk