Индексот на перцепција за корупција (CPI) рангира 182 земји и територии според перцепираните нивоа на корупција во јавниот сектор на скала од 0 (високо корумпирана) до 100 (многу транспарентна). Глобалниот просек падна на 42 поени, при што повеќе од две третини од земјите имаат резултат под 50. Земјите во Источна Европа, Блискиот Исток и Африка се меѓу најлошите.
Македонија освои 40 поени на скала од 0 до 100, и се најде на 84-то место од 182 земји. Во 2024 година на оваа листа Македонија имаше ист број на поени (40), и беше на 88. место.
Транспаренси Интернешнл нагласува дека резултатот е поважен од самото рангирање, бидејќи рангирањето може да се промени и поради промените во бројот на вклучени земји, додека резултатите подобро го опишуваат нивото на перцепирана корупција.
Од земјите од поранешна Југославија, Босна и Херцеговина е на 109-то место со 34 поени, што е полошо од минатата година. Србија е еден поен подолу, 33, на 116-то место, што е подобро од претходната година. Словенија е на 41-во место со 58 поени, што е полошо од претходната година.
Од соседите, Албанија e на 91. место со рангирање од 39 поени, или пад за разлика од минатата година. Бугарија има исто 40 поени како и Македонија. Грција бележи скок, и со 50 поени е на 56. позиција. Косово бележи пад, и има 46 поени, и се најде на 76-то место на оваа листа.
На првото место е Данска со 89 поени, додека втора е Финска со 88 поени. Меѓу првите 10 се и Сингапур, Нов Зеланд, Норвешка, Шведска, Швајцарија, Луксембург, Холандија и Германија.
На дното на листата се Јужен Судан, Сомалија, Венецуела, Јемен, Либија, Еритреја…
