Иако годишниот одмор би требало да биде време за целосен здив од работните обврски, за многу вработени во Македонија работата не престанува ниту за време на одморот. Дури 41% од испитаниците наведуваат дека за надредените се достапни секогаш или често, додека мнозинството сепак смета дека бројот на денови одмор кои моментално ги имаат не е доволен.
Ова го покажа регионалното истражување за годишните одмори што го спроведе групацијата Alma Career, во чии рамки делуваат водечки портали за вработување во регионот, меѓу нив и Vrabotuvanje.com.mk.
Колку одмор навистина сакаат вработените?
Испитаниците во Македонија во 2026 година во просек имаат 20,54 дена годишен одмор, што е благ раст во однос на минатогодишните 20,32 дена. Сепак, нивните потреби и очекувања се значително поголеми: во просек би сакале 30 дена одмор, односно речиси 10 дена повеќе.
Само 35% од испитаниците сметаат дека имаат доволно слободни денови, додека 45% сакаат повеќе. Дополнителни 20% наведуваат дека постојниот број денови одмор не е соодветен бидејќи премалку слободно време негативно влијае на нивната продуктивност.
Потребата за подолг одмор варира според возраста. Испитаниците на возраст од 30 до 45 години би сакале во просек 30,6 дена, оние до 30 години 29,5 дена, додека вработените постари од 45 години сметаат дека им се потребни 28,2 дена годишен одмор.
Малите и домашните приватни работодавачи нудат најмалку денови одмор
Бројот на денови годишен одмор во Македонија значително се разликува во зависност од големината и сопственичката структура на работодавачот.
Вработените во мали компании и институции имаат во просек 19,1 ден одмор, додека во средно големите организации просекот изнесува 20,6, а во големите 21,4 дена.
Уште поизразени разлики се забележуваат според типот на сопственост. Вработените во државни компании и институции имаат просечно 22,7 дена одмор, во приватните компании во странска сопственост 20,7 дена, а во домашните приватни компании 20 дена.
Овие податоци укажуваат на јасен јаз во бенефитите: вработените во државниот сектор и компаниите во странска сопственост се во поповолна положба од вработените кај домашните приватни работодавачи.
Секој петти вработен би заменил дел од зголемувањето за повеќе одмор
Колкава вредност имаат дополнителните слободни денови за вработените покажува и податокот дека 22% од испитаниците во Македонија би биле спремни да заменат зголемување на плата за поголем број денови годишен одмор. Дополнителни 44% таквата одлука би ја разгледале во зависност од износот на зголемувањето, додека 33% не би прифатиле таква замена.
Во регионална споредба, Македонија има поголем удел испитаници кои директно би прифатиле повеќе одмор наместо зголемување, во однос на Хрватска, каде тој удел изнесува само 15%. Резултатот покажува дека слободното време за вработените веќе не е само законско право, туку бенефит кој значително може да влијае на задоволството, привлекувањето и задржувањето квалитетни кадри.
Одморот под знак на достапност кон претпоставените
Годишниот одмор за значителен дел од вработените во Македонија не значи и целосен прекин на комуникацијата со работата.
За надредените, секогаш или често достапни за време на одморот се 41% од испитаниците, за колегите од сопствениот оддел 38%, а за колегите од други оддели 24%.
Резултатите покажуваат дека значителен број вработени ниту за време на годишниот одмор успеваат целосно да се исклучат од работата, што може да влијае на квалитетот на одморот и опоравувањето.
Регрес очекуваат речиси сите вработени
Регрес оваа година очекуваат 87% од испитаниците во Македонија, додека само 13% не очекуваат исплата. Меѓу оние кои сметаат на оваа надокнада, најчесто се очекуваат износи до 300 евра.
Веројатноста за исплата останува висока без разлика на големината на компанијата: регрес очекуваат 90% од вработените во мали, 86% во средно големи и 89% во големи организации.
Македонија во регионална споредба
Македонија по бројот на денови годишен одмор го зазема последното место во регионот, со просек од 20,54 дена, наспроти 21,6 во БиХ и 25,1 во Хрватска.
Сепак, без оглед на постојните разлики, вработените во сите три земји би сакале приближно 30 дена одмор годишно. Тоа покажува дека очекувањата на вработените сè повеќе ја надминуваат постојната пракса и дека подолгиот одмор станува важен елемент на квалитетот на работниот живот во целиот регион.
Кога станува збор за регрес, Македонија бележи убедливо најголем резултат: го очекуваат 87% од испитаниците, во споредба со 59% во Хрватска и 53% во БиХ.
Резултатите од истражувањето до работодавачите испраќаат јасна порака: дополнителните денови одмор, можноста за целосно исклучување од работните обврски и посигурната исплата на регрес претставуваат бенефити кои вработените ги препознаваат и сè повеќе ги вреднуваат. Најголем простор за унапредување постои кај малите и домашните приватни компании, каде бројот на денови одмор е најнизок.
За истражувањето
Регионалното истражување за годишните одмори го спроведоа водечките портали за вработување во Босна и Херцеговина (MojPosao.ba), Хрватска (MojPosao) и Македонија (Vrabotuvanje.mk), со цел подобро разбирање на навиките, искуствата и очекувањата на вработените кога станува збор за користење на годишниот одмор и регресот.
Истражувањето беше спроведено во текот на јуни 2026 година и опфати вкупно 1.145 испитаници од трите земји. Најзастапена група беа вработените на возраст од 31 до 40 години.
Во истражувањето беа застапени испитаници од компании со различна големина и дејност, со фокус на работно активното население.
Vrabotuvanje.com.mk работи во рамки на компанијата Alma Career, специјализирана за услуги за огласување работни места, регрутација и селекција на вработени, како и проекти за истражување и развој на пазарот на трудот. Alma Career е групација која работи во 14 европски земји.
