Вистинска есенска атмосфера ќе го одбележи ноември во Македонија. Според најавите на метеорологот Славчо Попоски, месецот ќе донесе пониски температури и почести врнежи, а временските услови постепено ќе добиваат и зимски карактер.
Како што објаснува Попоски, во текот на месецот земјата често ќе биде под влијание на студени воздушни струења од север, кои ќе предизвикуваат периоди со значително пониски температури.
Се очекуваат повеќе врнежи од вообичаеното
Според неговите прогнози, ноември ќе биде поврнежлив од просекот, со почести и локално пообилни врнежи од дожд.
Поради продорите на студен воздух, врнежите на повисоките места и на планините ќе преминуваат во снег.
Сепак, тоа не значи дека целиот месец ќе биде студен. Попоски посочува дека се можни и потопли денови, кога температурите ќе бидат над просечните вредности за овој период од годината.
Кон крајот на ноември можен е снег и во градовите
Со приближувањето на крајот на месецот ќе се зголемува и веројатноста за снежни врнежи на пониските места.
Според Попоски, можно е снег да се појави и во дел од градовите, иако засега не станува збор за конкретна најава за датум или локација.
„Сè на сè, ноември оваа година ќе си го правда своето име и лице и ќе биде вистински есенски месец“, објави метеорологот.
Иако се очекуваат променливи временски услови, со дожд, студ и повремени затоплувања, главната карактеристика на месецот, според оваа прогноза, ќе бидат температурите под просекот и зголемената количина врнежи.
