Денеска се одбележува 9 Мај, Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа
Актуелно

Денеска се одбележува 9 Мај, Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа

09. 05. 2026.

Во видео порака Претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, им се обрати на граѓаните на Македонија, како на идни членови на Унијата

Денеска во земјава се одбележува 9 Мај, Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, а премиерот Христијан Мицкоски на свечена церемонија под слоганот „Победа, принципи и вредност“ ќе положи цвеќе пред споменикот „Ослободители на Скопје“ во дворот на Владата.

Во видео порака Претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, им се обрати на граѓаните на Македонија, како на идни членови на Унијата.

„Веруваме дека вашата иднина е во ЕУ, а многу тешки задачи се исполнуват за тоа да се случи. Земјата е кандидат за членство долги години и време е за следниот чекор. Заедно ќе ја градиме иднината“, порача Коста.

Делегација на Европската Унија денеска во Градскиот парк во Скопје ќе го организира централниот настан под слоганот „Наша Европа. Посилни заедно“, кој ќе биде отворен за сите граѓани и ќе трае од 11 до 18 часот, на просторот околу летната сцена „Школка“. Планирани се игри и забава организирани од земјите-членки на ЕУ, храна и штандови со рециклирани предмети, учење за растенијата и урбаното зеленило и локални еколошки бизниси.

Денот на Европа ќе биде збогатен со музичка програма со настапи во живо на танцовата компанија „Еурека“, Дина Јашари, Звада, „Конкеринг Лион“, „Дапунк и Дабл Г“ , Емили Нас и Мартина Пенева. На зајдисонце, зградата на Владата ќе биде осветлена во сино.

Годинава Владата одбележувањето на Денот на Европа го прошири со кампањата „Мај – месец на Европа“, во рамките на која ќе се промовира процесот на европска интеграција и негово доближување до граѓаните и во кој ќе се организираат активности и ќе се презентираат успешни приказни од проекти поддржани од Европската Унија, кои веќе имаат директно влијание врз подобрувањето на животот на граѓаните. Освен денешниот настан, планирани се и садење 2.500 садници покрај езерото Младост, велосипедска тура околу Охридското езеро, концерт во Битола и други.

Извор: meta.mk