Министерството за здравство најавува формирање нови центри, воведување национален диспечерски систем, обновување на возниот парк и воведување парамедици како нов професионален профил во здравствениот систем.
Промените следуваат по бројните реакции на граѓаните за долгото чекање на амбулантни возила, недостигот од медицински екипи и одбивањето повици за интервенција.
Скопје ќе добие самостоен Центар за итна медицинска помош
Во главниот град е предвидено формирање самостоен Центар за итна медицинска помош, кој ќе располага со сопствен буџет, раководство и организација на работата.
Скопје ќе биде пилот-модел за новиот начин на функционирање, кој во иднина би можел да се примени и во други градови низ Македонија.
Процесот на издвојување на службата е започнат, но новиот центар сè уште не е целосно оперативен.
На интервенција ќе се испраќа најблиската слободна екипа
Една од најзначајните планирани промени е воспоставувањето национален диспечерски центар, преку кој ќе се координираат повиците и расположливите медицински екипи.
Со новиот систем треба да се овозможи:
-
Испраќање на најблиската слободна медицинска екипа;
-
Евидентирање на времето на прием на секој повик;
-
Процена на итноста според единствени национални стандарди;
-
Подобра распределба на екипите според потребите на теренот.
Целта е да се намали времето на чекање и да се обезбеди побрза интервенција кај пациентите на кои им е неопходна итна медицинска помош.
Националниот диспечерски центар и новите стандарди за тријажа засега не се во функција.
Набавени се 100 нови амбулантни возила, се очекуваат уште 50
Според информациите од Министерството за здравство, набавени се 100 нови амбулантни возила, со кои вкупниот број функционални возила во земјава треба да достигне 200.
Дополнителни 50 возила се очекуваат преку програмата ИПА 3 на Европската Унија.
Сепак, обновувањето на возниот парк не го решава проблемот со недостигот од медицински персонал. Во Скопје, според податоците на Министерството, моментално во една смена работат само пет медицински екипи.
Парамедик – нова професија во македонскиот здравствен систем
Како дел од реформата, се подготвуваат законски измени за воведување парамедици, професионален кадар кој би обезбедувал медицинска помош и грижа за пациентите при итни интервенции и за време на транспортот.
Во тек се разговори со Медицинскиот факултет за начинот на образование и обука на идните парамедици.
Нивните конкретни надлежности, потребните квалификации и начинот на вклучување во службата допрва треба да се утврдат.
Потребата од нов кадар станува особено значајна со оглед на проценките дека до 2030 година околу 300 вработени во Итната медицинска помош ќе се пензионираат.
Промени и во ургентните центри
Паралелно со реорганизацијата на Итната помош, во Скопје се реконструира Ургентниот хируршки центар, а се работи и на формирање Ургентен интернистички центар во рамките на Клиничкиот центар.
Планираните промени треба да го поврзат целиот процес на итно медицинско згрижување – од приемот на повикот и испраќањето на екипата до транспортот и приемот на пациентот во соодветната здравствена установа.
Иако најавените реформи предвидуваат значително подобрување на организацијата и опременоста на службата, голем дел од мерките сè уште се во подготовка. Обезбедувањето доволен број квалификувани медицински работници останува клучен предуслов за нивната успешна реализација.
