Нјороге ја истрча маратонската патека за 2 часа, 12 минути и 56 секунди, обезбедувајќи ја првата позиција во силната меѓународна конкуренција.
Второто место му припадна на неговиот сонародник Едвин Кимару Косгеи, кој заврши со време од 2:13:21 часа, додека македонскиот атлетичар Дарио Ивановски ја помина целта со резултат од 2:13:49 часа.
Со овој пласман, Ивановски се најде на победничкиот подиум на едно од најмасовните спортски случувања во Македонија.
Кениските атлетичари најуспешни и на полумаратонот
Доминацијата на натпреварувачите од Кенија продолжи и во полумаратонската трка, во која ги освоија првите три позиции и во машка и во женска конкуренција.
Кај мажите победи Кенеди Роно, кој патеката од 21 километар ја истрча за 1:05:27 час. Зад него се пласираа Киптум Кимаијо и Џон Куриа.
Во женска конкуренција најбрза беше Валентајн Џебет со време од 1:13:16 час, додека второто и третото место им припаднаа на нејзините сонароднички Чарен Чепквони и Нанси Гитаига.
Македонски победи на трката од пет километри
За разлика од подолгите дистанци, на трката од пет километри во прв план беа домашните атлетичари.
Во машка конкуренција триумфираше Андреј Арсов, кој ја заврши трката за 16 минути и 29 секунди. Второто место го освои Гилман Јонузи, исто така од Македонија, додека трет беше Швеѓанецот Фредрик Ухрборн.
Успешен настап имаа и македонските натпреварувачки во женска конкуренција.
Првото место го освои Ирма Хајдари, со резултат од 19 минути и 43 секунди. Втора заврши Емили Ивановска со време од 20 минути и 54 секунди, а третата позиција ѝ припадна на Лана Ивковиќ од Црна Гора.
Рекордна посетеност: Над 15.000 тркачи од 63 земји
Годинашното, 22. издание на „Визер скопски маратон“ бележи рекорден интерес, со повеќе од 15.000 пријавени учесници од 63 држави.
Настанот опфаќа четири трки: класичен маратон од 42,195 километри, полумаратон, штафетен маратон во кој четворица натпреварувачи ја делат маратонската дистанца и трка на пет километри.
Со голем број меѓународни натпреварувачи, силна конкуренција и забележителни резултати на македонските атлетичари, Скопје уште еднаш беше центар на едно од најзначајните спортски случувања во земјава.
