Од МВР посочуваат дека ова беше првиот ден од спроведувањето на постапката, при што се опфатени и сообраќајните прекршоци кои биле евидентирани претходно.
Од вчера, при излез од Македонија преку граничниот премин Табановце, се постапува и со возачите на возила со странски регистарски таблички за кои системот претходно забележал прекршок сторен на територијата на државата.
Возачите најпрво се известуваат дека кај нивното возило е евидентиран сообраќаен прекршок, по што им се издава записник за сторениот прекршок, заедно со прекршочен платен налог. Казната можат да ја подмират во согласност со законски предвидената постапка.
Од Министерството велат дека веќе преземаат мерки за постапката да се спроведува без поголеми пречки и за да се намали времето на задржување на патниците на граничниот премин.
Како што наведуваат од МВР, воведувањето на овој механизам има за цел да обезбеди еднаков и неселективен пристап при санкционирањето на сообраќајните прекршоци, без разлика дали прекршокот е сторен со возило со домашни или странски регистарски таблички.
