Дали граѓаните во Македонија би прифатиле да работат до 67 години наместо да заминуваат во пензија на сегашната старосна граница? Според резултатите од анкети, одговорот е јасен – огромното мнозинство не сака ни да слушне за продолжување на работниот век.
Дури 86,5% од испитаниците сметаат дека работа до 67-годишна возраст е предолг период, додека само 13,5% веруваат дека би можеле да останат активни на работното место до тие години.
Во моментов, жените во Македонија стекнуваат право на старосна пензија на 62 години, а мажите на 64 години. Иако во сè повеќе европски држави се разгледува или веќе се применува повисока старосна граница за пензионирање, таквата можност не добива поддршка кај домашната јавност.
Дел од граѓаните сметаат дека по повеќедецениска работа, особено на физички напорни работни места, во подоцнежните години веќе немаат доволно сила и енергија да го одржат истото темпо. Наместо уште неколку години на работа, многумина би сакале времето по пензионирањето да го посветат на семејството, одмор и други лични планови.
И Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) јасно се спротивставува на евентуално зголемување на старосната граница за пензионирање.
Од ССМ сметаат дека наместо да се бара решение во продолжување на работниот век, треба да се создадат подобри и пофлексибилни услови за пензионирање.
Според синдикатот, потребни се посериозни политики за зголемување на вработеноста кај младите, отворање стабилни и одржливи работни места, поттикнување на домашните и странските инвестиции и континуиран раст на платите.
На тој начин би се обезбедиле повеќе средства во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, а воедно би се придонело и за намалување на сиромаштијата.
Зголемувањето на старосната граница за пензионирање е само една од можните мерки за намалување на државните трошоци, но судејќи според анкетите, идејата за пензија на 67 години засега нема поддршка кај граѓаните.
