Новите правила стапија во сила на 1 јануари 2026 година, а според нив, полнолетно лице може да добие до 350.000 шведски круни, што е околу 32.000 евра, доколку ги исполнува условите за програмата.
За брачен или вонбрачен пар максималниот износ достигнува 500.000 круни, додека едно домаќинство може да добие до 600.000 круни, односно приближно 55.000 евра.
Предвидена е и дополнителна финансиска помош за децата. За секое дете се исплаќаат по 25.000 круни, што е околу 2.300 евра.
Сепак, оваа можност не се однесува на сите странски државјани кои живеат во Шведска. Право на финансискиот поттик, под одредени услови, имаат лица кои поседуваат дозвола за престој добиена врз основа на заштита – меѓу нив и бегалци и лица со супсидијарна заштита.
Програмата за доброволно враќање не е нова. Таа во Шведска постои уште од 1984 година, но финансиската помош досега била далеку помала. Претходно возрасно лице можело да добие само 10.000 круни, што значи дека со новите правила износот е зголемен дури 35 пати.
Шведската влада ја претставува мерката како можност за луѓето кои не успеале да се интегрираат во шведското општество да започнат нов живот во својата матична земја или во друга држава каде што имаат право на престој.
Зголемените суми предизвикаа голем интерес уште во првите месеци од примената на новите правила, а шведските власти веќе почнаа да ги одобруваат првите барања.
Сепак, мерката не помина без критики. Дел од реакциите се однесуваат на тоа колку ваквиот финансиски поттик навистина ќе биде ефикасен, како и какви последици би можел да има во иднина.
Со драстичното зголемување на финансиската помош, Шведска очигледно се обидува доброволното враќање да го направи многу попривлечна опција за лицата кои ги исполнуваат условите.
