Со правилникот се прецизира какви документи ќе треба да достават правните и физичките лица кои ќе аплицираат за лиценца за казино, обложувалница, автомат клуб или томбола од затворен тип. Преку оваа документација ќе треба да ја докажат својата репутација и интегритет, како и законското потекло на средствата со кои ќе ја вршат дејноста.
Помеѓу информациите што ќе се проверуваат се и евентуални санкции за забрана за вршење професија, казни поврзани со забрана за приредување игри на среќа, како и други околности кои можат да бидат релевантни за учеството во оваа дејност.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска оцени дека правилникот претставува значаен чекор бидејќи законските принципи ги преточува во конкретни критериуми, процедури и правила што ќе може да се применуваат во пракса.
Од Министерството посочуваат дека паралелно се работи и на подготовка на останатите подзаконски акти потребни за целосна примена на новиот Закон за игрите на среќа и за забавните игри.
Според министерката, донесувањето на прецизна регулатива е основа за воспоставување јасни и фер правила за работа, вклучително и во индустријата на игрите на среќа. Таа нагласува дека процесот не завршува со донесувањето на законот и правилниците, туку клучен ќе биде нивното доследно спроведување.
Новиот Закон за игрите на среќа и за забавните игри беше донесен на крајот на јуни годинава, со образложение дека оваа област во изминатиот период претрпела значителни промени.
Со новата регулатива се воведуваат низа новини насочени кон поголема заштита на граѓаните, зајакнување на контролата и обезбедување поодговорно работење во индустријата на игрите на среќа.
Димитриеска-Кочоска посочува дека современата регулатива е неопходна за да одговори на новите предизвици, да обезбеди поголема заштита на граѓаните и да овозможи поефикасен надзор над оваа индустрија.
