Инфлацијата во Македонија достигна 3,3%: Транспортот поскапе за речиси 10%, храната за 2,1%
Актуелно

Инфлацијата во Македонија достигна 3,3%: Транспортот поскапе за речиси 10%, храната за 2,1%

11. 11. 2026.

Трошоците за живот во Македонија продолжуваат да растат. Годишната стапка на инфлација во октомври 2026 година изнесувала 3,3%, додека во споредба со септември е забележан месечен раст од 0,4%, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.

Најголемо поскапување на годишно ниво е забележано кај транспортот, каде цените се зголемиле за 9,5%. Значителен раст има и кај рекреацијата, спортот и културата, со поскапување од 8,5%, како и кај алкохолните пијалаци и тутунот, чии цени се повисоки за 7,8%.

Раст на цените е регистриран и во рестораните и услугите за сместување, каде поскапувањето изнесува 4,9%.

Кога станува збор за секојдневните трошоци на домаќинствата, храната и безалкохолните пијалаци во октомври биле поскапи за 2,1% во споредба со истиот месец минатата година.

Податоците покажуваат дека и покрај релативно умерената вкупна стапка на инфлација, одредени категории производи и услуги бележат значително повисок раст на цените, што дополнително влијае врз семејните буџети и куповната моќ на граѓаните.