Според пресметките врз основа на просечните нето-плати, минималниот К-15 годинава благо надминува 19 илјади денари или поточно 19.116 денари.
Зголемувањето на регресот е резултат на растот на просечната плата во земјава. Согласно со Колективниот договор за приватниот сектор, минималниот регрес за годишен одмор изнесува 40 проценти од просечната нето-плата исплатена во последните три месеци.
За пресметката годинава се земени предвид просечните нето-плати за февруари, март и за април 2026 година, кои изнесувале 46.159, 48.433 и 48.779 денари. Просекот на овие три износи е околу 47.790 денари, од кои 40 проценти даваат минимален К-15 од приближно 19.116 денари.
Тоа значи дека работниците годинава имаат право на регрес што е повисок од минатогодишниот. Иако за најголем дел од работниците сумата од околу 19.116 денари ќе биде минималниот износ, тоа не значи дека толку мора да добијат сите.
- Работодавците можат да исплатат и значително повисок регрес доколку е предвидено тоа со колективен договор, со интерните акти на компанијата или со одлука на работодавецот. Во одредени компании, К-15 веќе достигнува 40.000 или 50.000 денари, додека има и компании што исплаќаат регрес од 80.000, па дури и 100.000 денари. Особено повисоки суми се исплаќаат во компаниите што имаат добри деловни резултати, но и во секторите каде што има недостиг од работна сила. За работодавците, повисокиот К-15 е еден од начините да ги задржат квалитетните работници и да привлечат нови кадри – велат од Сојузот на синдикатите на Македонија.
