Не купувајте преку „Фејсбук“, може да не ви го вратат производот и парите
Актуелно

Не купувајте преку „Фејсбук“, може да не ви го вратат производот и парите

23. 03. 2026.

Онлајн купувањето сè почесто носи ризици. Третина од граѓаните се соочиле со проблеми при купувањето преку Интернет, покажува истражување на „Евростат“. Потрошувачите сè почесто се жалат за доцнење на пратките, за производи што не одговараат на фотографиите, за небезбедни производи... Од Организацијата на потрошувачи на Македонија посочуваат да не се купува преку „Фејбук“, туку само од официјални продавници, бидејќи има гаранција за враќање на производот и на парите.

екање пратки подолго од предвиденото, веб-страници што се бавни или тешки за користење и производи што не одговараат на фотографиите, ова се дел од најчестите проблеми со кои се соочуваат потрошувачите при онлајн купувањето. Иако се промовира дигиталната трговија како брза и практична, искуството покажува дека не секогаш ги исполнува очекувањата на купувачите. Податоците од истражувањето на „Евростат“ за употребата на информатичко-комуникациските технологии во 2025 година покажуваат дека 29,41 отсто од купувачите во Македонија се соочиле со проблеми при онлајн купувањето. На ниво на Европската Унија, овој процент е уште повисок – 35,4 отсто од потрошувачите пријавиле тешкотии при нарачувањето преку интернет-страници или мобилни апликации.

Овие податоци покажуваат дека, и покрај растот на онлајн трговијата, сè уште се присутни предизвиците, а довербата и корисничкото искуство остануваат клучни фактори за понатамошен развој на дигиталното купување.

Од Организацијата на потрошувачи на Македонија појаснуваат за весникот ВЕЧЕР дека треба да се прави разлика кога се купува од регистрирани онлајн платформи и од „Фејсбук“.

– Сè уште не знаат граѓаните што значи кога купуваш од „Фејсбук“ или од другите социјални мрежи, а што кај регистрираните продавници како „Зара“, „Манго“… тоа е сосема друго. На „Фејсбук“ има физички лица што продаваат, а не се регистрирани. Кај овие продажби, кога ќе дојде на врата да ви го испорача производот, курирот не ви дава фискална, ниту некаква потврда. Кога ѕвоните на телефон да ви се врати производот, не ви се јавуваат, а во многу случаи не можеш да ја најдеш фејсбук-страницата, односно е избришана или не постои – вели претседателката на ОПМ, Маријана Лончар-Велкова.

Според Законот за заштита на потрошувачите, ако не ви одговара производот по боја, големина, може веднаш да го вратите. Тоа не е проблем кога се работи за овластените продавници, но кога се работи за продажбата преку “Фејсбук“, најчесто тоа не е случај.

– Ако се работи за технички производи што се продаваат на „Фејсбук“, не добиваш овластен сервис, трговска гаранција од најмалку две години, па не можеш да го вратиш производот. Пазарната инспекција и Секторот за компјутерски криминал при МВР не може да го најдат, бидејќи седиштето му е регистрирано некаде на Сејшели. Кога купувате онлајн од регистрирани онлајн платформи, во тој случај вие сте заштитени и каков било производ да купите, може да ви го вратат ако не ви одговара. Но кога купувате преку „Фејсбук“, вие не плаќате онлајн, туку на рака на курирот, значи тоа не е онлајн. Друга работа е кога купуваш онлајн, не ти дава да го отвориш пакетот и да го видиш дали е во ред тоа што го купуваш. Кога порачуваш од регистрирани продавници, плаќаш онлајн и кога ти го носи производот, добиваш фактура со која можеш да го смениш или да го вратиш. Не е онлајн ако не плаќаш онлајн, туку кеш. За разлика од онлајн продажбата кај регистрираните продавници, каде што мора да ги вратат парите, при продажбата преку „Фејсбук“ може и да не ти ги вратат парите бидејќи немаш никаков доказ – појаснува Лончар-Велкова.

Светската потрошувачка организација потврди дека многу потрошувачи сè уште се изложени на небезбедни производи, кои ги загрозуваат нивното здравје, нивниот живот и довербата во економиите. Низ целиот свет, потрошувачите се соочуваат со небезбедни, фалсификувани производи или со производи со слаб квалитет – од детски играчки и домашна електроника до лекови и секојдневни производи. Овие пропусти може да доведат до загрозување на животот, нарушување на здравјето и поткопување на довербата во пазарот.

Со брзиот раст на онлајн трговијата, небезбедните производи се пласираат на пазарот сè побрзо и стигнуваат до потрошувачите насекаде низ светот. Според истражување, кое опфати интернет-продавници во 21 земја членка на Организацијата за економска соработка и развој (OECD), дури 87 отсто од повлечените или забранети производи сè уште се достапни онлајн, што укажува на сериозна празнина во надзорот и во спроведувањето на правилата на пазарот.

Извор:vecer.press