Скопје повторно во сезоната на смог: Загадувањето може да влијае и врз мозокот
Актуелно

Скопје повторно во сезоната на смог: Загадувањето може да влијае и врз мозокот

23. 10. 2026.

Загадениот воздух не ги погодува само белите дробови и срцето, туку може да влијае и врз здравјето на мозокот, меморијата и когнитивните способности.

Научни истражувања укажуваат на поврзаност меѓу долготрајната изложеност на ситни ПМ2.5 честички и зголемениот ризик од деменција. Една студија со повеќе од 400.000 учесници утврдила 14% повисок ризик кај луѓето изложени на највисоки концентрации на овие честички во споредба со оние со најниска изложеност.

Во меѓувреме, Скопје повторно влегува во сезоната на загадување. Според податоците на Numbeo за 2026 година, градот се најде на петтото место во европското рангирање според индексот на загадување.

На 21 октомври, кај Ректорат биле измерени 91,25 микрограми ПМ10 честички на кубен метар, додека во Карпош концентрацијата на ПМ2.5 достигнала 46,14 микрограми.

Научниците истражуваат како загадувачите можат да предизвикаат воспалителни процеси и промени во мозокот. Сепак, поврзаноста со деменцијата не значи дека загадувањето е единствената причина за болеста.

Со доаѓањето на постудените месеци, греењето, сообраќајот и временските услови може дополнително да го влошат квалитетот на воздухот во скопската котлина.