Телекомуникациската кула на Водно, еден од најзначајните инфраструктурни проекти во Скопје во последната деценија, влегува во завршна фаза и се очекува наскоро да биде пуштена во употреба.
Кулата, чија изградба започна во 2013 година, ќе служи за пренос на радио и ТВ сигнали, мобилни комуникации и други телекомуникациски услуги, со што ќе се подобри покриеноста во Скопје и регионот. Од АЕК истакнуваат дека станува збор за стратешки објект кој ќе овозможи посовремена и поорганизирана телекомуникациска инфраструктура и подобра контрола на радиофреквенциите.
Според Орце Симов од АЕК, објектот е целосно автоматизиран и ќе функционира без постојана човечка екипа, со далечинско управување и минимално физичко присуство само за обезбедување и технички интервенции. Тој посочува и дека панорамскиот дел може да прерасне во туристичка атракција, слично на вакви објекти во други европски градови.

Пристап до кулата со возила нема да има – посетителите ќе можат да доаѓаат пеш, преку жичарницата или рекреативните патеки на Водно, додека паркингот е предвиден само за технички потреби.
Кулата е висока 155 метри и се наоѓа на надморска височина од 1.034 метри. Проектот, кој траеше повеќе од една деценија, вклучувал сложени градежни и технички предизвици, како и примена на современи инженерски решенија и тестирања што ја потврдиле стабилноста на конструкцијата.
Во моментов се спроведуваат завршни технички и административни процедури, по што се очекува добивање употребна дозвола и официјално пуштање во употреба, можеби и симболично околу 2 август.

