Дополнителните фази од концептот и првите технички решенија биле претставени на конференција во Белград, пренесува „Индекс“. Според објавените податоци, првиот модел треба да добие хибриден погон со технологија за продолжен досег. За разлика од хибридните возила што се полнат на струја, овој систем нема да има можност за надворешно полнење, туку моторот со внатрешно согорување главно ќе служи како генератор за создавање електрична енергија.Погонот треба да поддржува различни видови гориво, а во идеални услови потрошувачката би изнесувала само 2,2 литри на 100 километри. Планираната цена на новото „југо“ се движи околу 12.000 евра.
Кога станува збор за изгледот, новиот модел останува верен на верзијата претставена во 2025 година. И понатаму е планиран компактен автомобил со три врати, со јасен и едноставен дизајн и спортски карактер, со што се настојува да се спои духот на оригиналниот модел со современата автомобилска индустрија.
Зад проектот стои српскиот претприемач Александар Бјелиќ, универзитетски професор по економија кој живее во Германија и има три децении искуство во автомобилската индустрија. Тој е сопственик на четири компании, меѓу кои и најстарата светска компанија за автомобилска козметика, основана во 1878 година. Бјелиќ минатата година успеал да ги добие правата на името „југо“, а долгорочната цел му е брендот да го позиционира како достапен производител на ефикасни возила.
Според претходните најави, прототип подготвен за возење треба да биде претставен во 2027 година на саемот „Експо“ во Белград. Дали од проектот навистина ќе произлезе сериски модел, останува да покаже времето.
Зошто „југо“ е толку популарно?
„Југо“ беше мал градски автомобил што се произведуваше во поранешна Југославија, поточно во фабриката „Застава“ во Крагуевац, од 1980 година. Иако технички беше едноставен и често критикуван поради послабиот квалитет, „југо“ имаше огромно симболично значење, беше првиот автомобил на многу семејства.
Во време кога за автомобил се чекаше со години, да имаш „југо“ значеше слобода, престиж и можност за патување без зависност од други. Автомобилот беше создаден врз основа на модели на „Фиат“, а неговата едноставност беше и предност и недостаток — лесно се поправал, но честопати и се расипувал.
Сепак, неговиот најголем успех беше извозот во Соединетите Американски Држави, каде што се продавал под името „југо ГВ“, што значело „голема вредност“. Тој бил најевтиниот нов автомобил на американскиот пазар — нов автомобил можел да се купи за цена слична на онаа на подобар велосипед.
Денес, со временска дистанца и доза носталгија, „југо“ повторно се појавува во популарната култура, интернет-шегите и меѓу колекционерите на олдтајмери.
Извор:slobodenpecat.mk
