Промените, во однос на досегашната пракса, се големи. На пример, пензионерите можеа да работат, но мораа да направат избор помеѓу платата и пензијата. Односно, статусот вработен значеше да се загуби правото на пензија. Исто така, ангажманот беше регулиран со авторски или со договор на дело. Затоа и многумина остануваа да работат во сивата зона.
Конкретно, посочи министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, Законот воведува пофлексибилен и поедноставен модел за легално ангажирање, со јасна правна рамка и електронски процедури за пријавување, одјавување и уплата на придонеси. Овозможено е ангажирање на вработени, невработени, студенти, ученици и пензионери, без губење на нивните веќе стекнати права. Корисниците на гарантирана минимална помош не ги губат социјалните и детските права, невработените не се бришат од евиденцијата и не го губат паричниот надоместок, пензионерите го задржуваат правото на пензија, а студентите и учениците ги задржуваат правата од образовниот систем.
„Формализацијата на сивата економија е една од највисоките стратешки определби на Владата и клучен сегмент од реформската агенда, зашто директно влијае врз економскиот раст, стабилноста на јавните финансии и заштитата на работниците. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во 2024 година во земјава имало околу 694 илјади вработени, од кои приближно 85 илјади биле неформално ангажирани. Тоа е сериозен предизвик кој бара системски решенија“, рече Дурмиши, кој во Владата го презенрираше Законот за работно ангажирање лица што е во примена од почетокот на годинава.
Како што наведе, во првата фаза Законот ги опфаќа дејностите каде што сивата економија е најизразена – земјоделството, шумарството, рибарството, објектите за сместување, сервисните дејности за храна и дејностите во домаќинствата. Според анализите, се очекува формализација на до 12.000 сезонски работници во земјоделството и на околу 5.400 непријавени работници во туризмот, угостителството и услугите.
Според Дурмиши, оваа реформа носи конкретни придобивки и за работниците и за работодавачите. Работодавачите добиваат флексибилност и поедноставени административни постапки, а работниците исплата по час, придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, дополнителен придонес за задолжително здравствено осигурување во случај на повреда при работа или професионално заболување, како и јасна правна заштита на нивните права.
„Со овој Закон испраќаме јасна порака дека државата е решена системски да ја сузбива сивата економија и активно да ја поддржува формалната економија. Тоа значи повеќе формални работни места, поголема сигурност за работниците и стабилна, предвидлива и фер деловна клима за компаниите кои инвестираат и придонесуваат за растот на македонската економија“, истакна Дурмиши.
Министерството ќе почне кампања за промоција на Законот под мотото „Фер ангажман”.
