Идејата за пократка работна недела беше иницирана од левичарските партии во градскиот парламент, кои на 15 март 2023 година поднесоа барање за спроведување пилот-проект. Предлогот подоцна беше изгласан со 60 гласа „за“ и 57 „против“, објави Swissinfo.
Според усвоената директива, тестирањето би траело една година, со можност пилот-проектот да биде продолжен за дополнителни 12 месеци.
Во проектот би можеле да бидат опфатени и вработени кои работат во смени, меѓу кои полицајци, работници во јавниот транспорт и лица ангажирани во негата. И покрај скратувањето на работното време, нивните плати би останале непроменети.
Во моментов работната недела во градската администрација изнесува 42 часа, што значи дека предложениот модел би донел значително намалување на работното време.
Сепак, воведувањето на 35-часовна работна недела за целата градска администрација би имало значителни финансиски последици. Според проценките, трошоците би можеле да достигнат околу 118 милиони евра, а за да се надомести намалувањето на работните часови би биле потребни до 1.500 нови вработени.
Засега останува да се утврди кои оддели ќе бидат избрани за тестирањето и како конкретно ќе функционира пократката работна недела во пракса.
