Истражувањето го започнаа Македонското еколошко друштво (МЕД) и Министерството за животна средина и просторно планирање. Во Македонија мониторингот ќе се спроведува во западниот дел од земјата – од Скопска Црна Гора и Шар Планина на север, до Пелистер, Ниџе и Кожуф на југ.
До крајот на годинава се планира да бидат собрани околу 900 генетски примероци. Во истражувањето ќе учествуваат шумари, ловочувари, ренџери, ловци, планинари, велосипедисти, собирачи на шумски плодови и други љубители на природата.
Примероците ќе се собираат на неинвазивен начин, односно од материјал што мечките го оставаат во природата. Најчесто ќе се собира измет, од кој во лабораторија ќе се утврдува генотипот на секоја единка – своевиден „генетски отпечаток“.
Кафеавата мечка во Македонија е строго заштитен вид. Истражувањето треба да даде попрецизна слика за состојбата на популацијата и да помогне во планирањето на идните мерки за нејзина заштита.
Динарско-пиндската популација, која се протега од Алпите до Егејското Море, брои околу 4.000 мечки и претставува најголема популација на кафеава мечка во Европа.
