Меѓу најпроблематичните бил пожарот кај Рамно во општина Чучер-Сандево, од каде силниот ветер го носел чадот кон Скопје. Во текот на денот избувнал и пожар зад зградата на МРТВ, а во гаснењето биле вклучени пожарникари, ДЗС, Армијата и полициски хеликоптер.
Меѓународниот ден на чистиот воздух е прогласен од Обединетите нации во 2019 година, а првпат е одбележан во 2020 година. Целта е да се подигне свеста за загадувањето на воздухот, кое претставува сериозен ризик за здравјето.
Проблемот со загадениот воздух во Скопје, сепак, не е ограничен само на деновите кога има пожари. Според акцискиот план на надлежните институции, домаќинствата и административните објекти со нееколошко греење имаат најголем удел во емисиите на ПМ-честички.
Дополнителен проблем е и местоположбата на Скопје во котлина, која особено во зимските месеци го отежнува распрснувањето на загадувачите. Според податоци цитирани од УНИЦЕФ, концентрациите на ПМ10 и ПМ2,5 во земјава ги надминуваат безбедните нивоа повеќе од 100 дена годишно.
