Скопје добива нов симбол! Кулата на Водно пред отворање
Актуелно

Скопје добива нов симбол! Кулата на Водно пред отворање

04. 06. 2026.

Скопје наскоро и официјално ќе добие современ објект со импозантна градба на падините на Водно - стратешка кула која е највисока во целата земја. Оттаму, се отвора една убава панорама на главниот град!

Телекомуникациската кула на Водно, еден од најзначајните инфраструктурни проекти во земјава, е пред завршување по повеќе од една деценија од почетокот на изградбата во 2013 година.

Објектот е наменет за пренос на радио и телевизиски сигнали, мобилни комуникации и други телекомуникациски услуги, со цел да обезбеди подобра покриеност за Скопје и поширокиот регион. Воедно, кулата ќе има важна улога во контролата и мониторингот на радиофреквенциите во државата.

Во моментов се спроведуваат финалните технички и административни процедури потребни за добивање употребна дозвола. По нивното завршување, кулата официјално ќе биде ставена во функција.

Кулата се издига на 155 метри височина и е поставена на надморска височина од 1.034 метри. Во рамки на проектот се изградени четири платформи за поставување телекомуникациска опрема за операторите и државните институции.

Изградбата опфати примена на современи градежни технологии и специјализирани инженерски решенија. За проверка на безбедноста и стабилноста биле спроведени аеродинамички и сеизмички тестирања, при што конструкцијата ги исполнила предвидените стандарди.

Пристапот до кулата нема да биде дозволен со приватни возила. Посетителите ќе можат да стигнуваат до објектот со жичарата, пеш или преку рекреативните патеки на Водно, додека предвидениот паркинг ќе биде резервиран за службени и технички потреби.

Покрај телекомуникациската функција, кулата има потенцијал да стане и нов туристички белег на Скопје. Нејзиниот панорамски дел нуди поглед кон градот и околината, што може да ја направи атрактивна дестинација за домашни и странски посетители.

Објектот е пријавен и за учество на Светскиот фестивал на архитекти (WAF), кој годинава ќе се одржи во Мајами, САД.

Доколку процедурите се одвиваат според планираната динамика, кулата би можела да биде свечено отворена во текот на летото.

 

Извор:skopjeinfo.mk