Резултатите покажуваат и силно европско присуство меѓу најголемите глобални авијациски центри. Од 50-те најдобро поврзани аеродроми, 12 се наоѓаат во Европа, а дури пет европски аеродроми влегуваат меѓу првите десет.
Што значи „најповрзан аеродром“?
Рангирањето на OAG не се одредува само според бројот на патници или летови. При пресметката се зема предвид колку потенцијални врски постојат меѓу летовите што пристигнуваат и заминуваат од еден аеродром во период од шест часа.
За овогодинешната анализа бил разгледан најпрометниот ден во глобалната авијација – недела, 2 август 2026 година, а важна улога има и бројот на дестинации до кои може да се патува од конкретниот аеродром.
Од Истанбул до 337 дестинации
Истанбулскиот аеродром, кој според капацитетот е осми најпрометен во светот, овозможува поврзување со дури 337 дестинации ширум светот.
Токму широката мрежа на летови и големиот број можности за поврзување му помогнале да го преземе првото место на глобалното рангирање.
Istanbul Airport е главната база на Turkish Airlines, чија широка меѓународна мрежа има значајна улога во позиционирањето на Истанбул како еден од најважните центри за транзитен воздушен сообраќај.
Хитроу падна на второто место
Досегашниот лидер, лондонскиот Хитроу, годинава се наоѓа на втората позиција.
Според OAG, бројот на потенцијални врски преку аеродромот е намален за 6% во споредба со најпрометниот ден од претходната година.
Како еден од факторите се наведуваат нарушувањата во распоредот на летовите кон Блискиот Исток. Во август капацитетот на Хитроу кон овој регион бил за 25% помал.
Европа со пет аеродроми меѓу првите десет
На третата позиција е Амстердам Шипхол, по што следуваат Куала Лумпур и Чикаго О’Хара.
Меѓу десетте најповрзани се и Сеул Инчон, Франкфурт, Токио Ханеда, Париз Шарл де Гол и Атланта.
Топ 10 најповрзани аеродроми во светот за 2026 година:
- Истанбул – Турција
- Лондон Хитроу – Обединето Кралство
- Амстердам Шипхол – Холандија
- Куала Лумпур – Малезија
- Чикаго О’Хара – САД
- Сеул Инчон – Јужна Кореја
- Франкфурт – Германија
- Токио Ханеда – Јапонија
- Париз Шарл де Гол – Франција
- Атланта Хартсфилд-Џексон – САД
На пошироката листа од 50 аеродроми има уште неколку големи европски центри. Мадрид е на 18. место, истанбулски Сабиха Гокчен на 21., Атина на 22., Минхен на 23., Рим Фјумичино на 27., Барселона на 41., а Цирих на 45. место.
Со преземањето на првата позиција, Истанбул дополнително ја зацврстува својата улога како една од најважните точки за поврзување на патниците меѓу Европа, Азија и останатите делови од светот.
