УСВОЕНИ НОВИТЕ ПРАВИЛА ЗА БОЛЕДУВАЊЕ: Помалку документи и одење по шалтери, правото до 15 дена останува
Актуелно

УСВОЕНИ НОВИТЕ ПРАВИЛА ЗА БОЛЕДУВАЊЕ: Помалку документи и одење по шалтери, правото до 15 дена останува

06. 10. 2026.

Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување едногласно ги усвои измените на Правилникот за утврдување привремена спреченост за работа. Новите правила носат повеќе олеснувања за пациентите и матичните лекари, а од Фондот нагласуваат дека не се скратува правото на боледување ниту неговото времетраење кога постои медицинска потреба.

Матичниот лекар и понатаму ќе може да утврдува боледување до 15 дена, додека за период подолг од 15 дена ќе одлучува лекарската комисија на Фондот.

Една од дилемите што се појави во јавноста се однесуваше на промената од седум на пет дена. Од Фондот појаснуваат дека тоа не значи дека боледувањето ќе завршува по пет дена. Петте дена се однесуваат на периодот по кој, доколку е потребно продолжување, ќе се применуваат медицинските критериуми предвидени за конкретната дијагноза.

Границата од 15 дена во надлежност на матичниот лекар останува непроменета.

За дел од дијагнозите нема задолжително во лабораторија

Една од поважните промени е намалувањето на непотребните испитувања и административни процедури.

За одредени дијагнози пациентите повеќе нема да мора задолжително да се упатуваат на лабораториски испитувања, туку здравствената состојба ќе може да ја процени матичниот лекар.

Кај дел од дијагнозите се проширува и временската рамка предвидена со медицинските критериуми.

Промена има и во постапката по 15-тиот ден. Предлогот за привремена спреченост за работа – ПСР, матичниот лекар ќе го доставува електронски, наместо преку досегашната рачна процедура.

Боледување и без физичко присуство во повеќе случаи

Со измените се прошируваат и ситуациите во кои боледувањето ќе може да биде утврдено без пациентот физички да се појави кај лекар.

Ова особено се однесува на тешко болни, неподвижни и тешко подвижни лица, пациенти кои се на болничко лекување, како и на други оправдани случаи.

Кај хронично болните ќе може да се користат веќе постојните дијагностички наоди доколку сè уште се во предвидениот период на важност. На тој начин ќе се избегнува повторување на исти испитувања само поради административната постапка за боледување.

Олеснувања и за бремени жени и тешко болни пациенти

Со новите правила попрецизно се утврдуваат и условите под кои боледувањето може да биде отворено ретроактивно во оправдани ситуации, меѓу кои и по завршување болничко лекување.

За бремените жени и доилките се предвидува олеснување во однос на радиодијагностичките испитувања со јонизирачко зрачење, доколку здравствената состојба е соодветно потврдена со специјалистички извештај.

Кај одредени тешки заболувања, пак, ќе има исклучоци од обврската за конзилијарно мислење кога боледувањето трае подолго од 60 дена.

Се менуваат критериуми стари повеќе од една деценија

Измените следуваат по повеќемесечна стручна работа и анализа на досегашните критериуми, од кои значителен дел датираат уште од 2012 година.

Целта е правилата да се приспособат на современите можности во медицината и дијагностиката, но и да се намалат административните обврски поради кои пациентите досега мораа дополнително да се движат низ здравствениот систем.

Од Фондот нагласуваат дека суштината на измените е да се поедностават процедурите за пациентите и лекарите, без да се ограничи правото на боледување кога здравствената состојба на осигуреникот го бара тоа.