Македонија со најниска просечна плата меѓу земјите од поранешна Југославија
Актуелно

Македонија со најниска просечна плата меѓу земјите од поранешна Југославија

22. 08. 2026.

Иако просечната плата во Македонија бележи раст, таа и натаму е најниска во споредба со платите во останатите земји од поранешна Југославија.

Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, просечната месечна нето-плата во Македонија изнесува 48.381 денар, односно околу 787 евра. Со оваа сума, земјата се наоѓа зад Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска и Словенија.

Во јуни 2026 година, просечната нето-плата по вработен била повисока за 6,4 отсто во споредба со истиот месец минатата година.

Најголем раст на просечната нето-плата на годишно ниво е забележан во секторот административни и помошни услужни дејности, каде што платите пораснале за 10,6 отсто. Следуваат земјоделството, шумарството и рибарството со раст од 8,1 отсто, како и секторот транспорт и складирање, каде што просечната плата се зголемила за 8 отсто.

Од друга страна, во однос на претходниот месец, намалување на просечната нето-плата е регистрирано во неколку сектори. Најголем пад има во трговијата на големо и мало и поправката на моторни возила и мотоцикли, каде што просечната плата е намалена за 9 отсто. Потоа следуваат уметноста, забавата и рекреацијата со пад од 6,2 отсто, како и снабдувањето со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, каде што платите се намалиле за 5,9 отсто.

И покрај растот на просечната плата, Македонија и понатаму значително заостанува зад другите држави од поранешна Југославија.

За споредба, просечната месечна плата во Србија изнесува 1.008 евра, во Босна и Херцеговина 864 евра, во Црна Гора 1.036 евра, во Хрватска 1.555 евра, а во Словенија дури 1.723 евра.

Со просек од околу 787 евра месечно, македонските работници, и покрај континуираниот раст на платите, остануваат на дното на регионалната листа по висината на просечните примања.