На дел од работниците неделата не им се плаќа, а не добиваат ниту празнична дневница
Актуелно

На дел од работниците неделата не им се плаќа, а не добиваат ниту празнична дневница

06. 05. 2026.

На дел од работниците во државата не им се плаќа работата во недела, ниту добиваат празнична дневница, иако тоа е законска обврска.

До Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) пристигнале бројни пријави од работници што тврдат дека работодавците не им исплаќаат дневница за работа во недела, која, според Законот, треба да биде за 50 проценти повисока. Во случај кога неделата се совпаѓа со празник, надоместокот може да достигне и до 250 проценти. На почетокот од годинава стапија на сила и измените на Законот за трговија, согласно со кои работниците ангажирани во недела или во текот на празниците имаат право на повисока дневница. Истовремено, работодавците што нема да исплатат повисок надоместок за работа во недела, должни се да им обезбедат на работниците слободен ден во текот на неделата, со цел да се почитува законската обврска за 40-часовна работна недела.

– Според Законот за работни односи, работата во недела се плаќа со зголемена дневница од 150 проценти, при што додатоците на плата не се исклучуваат. Така, доколку се совпаднат недела и празник, а работникот остане и неколку часа прекувремено на работа, дневницата може да достигне и до 280 проценти повисок надоместок. Доколку работодавците не исплаќаат зголемена дневница за работа во недела или на празник, работниците треба да го пријават тоа во Државниот инспекторат за труд или во ССМ. Имаме многу случаи каде што се регулирани овие права со колективните договори и таму најчесто се почитуваат, но има и голем број приватни компании што го прекршуваат Законот и не им исплаќаат никаков дополнителен надоместок на работниците – изјави за весникот ВЕЧЕР Иван Пешевски, потпретседател на ССМ.

Трговијата е уредена со посебен закон, според кој неделата е работен ден, но и во овој сектор мора да се почитува законската обврска за 40-часовна работна недела. Тоа значи дека работниците кои работат во недела треба да добијат еден или два слободни дена во текот на неделата.

– И покрај тоа што постојат отстапки за одредени дејности како што се трговијата, угостителството и компаниите што работат во смени, сметаме дека и во тие сектори неделата треба да биде неработен ден. Досегашните анализи покажаа дека не е намален профитот на компаниите што не работат во недела, додека работниците се попродуктивни, поодморени и имаат подобар баланс меѓу приватниот и професионалниот живот – додава Пешевски.

Од Организацијата на работодавачи на Македонија велат дека трговските центри во државата плаќаат надоместок за работа во недела, согласно со законските обврски и правилата утврдени со Законот за трговија.

– Некои компании што не исплаќаат двојна дневница за работа во недела, го компензираат тоа со слободен ден во текот на неделата, бидејќи и тоа е законска обврска. За работа во недела се исплаќа зголемена дневница, а доколку се работи и за празник, надоместокот може да достигне и до 250 проценти. Компаниите што не ги почитуваат овие обврски треба да бидат санкционирани од Државниот инспекторат за труд, бидејќи претставуваат нелојална конкуренција за оние работодавци што ги почитуваат законите и редовно исплаќаат надоместок за работа во недела – изјави за весникот ВЕЧЕР Ангел Димитров, член на Управниот одбор на Организацијата на работодавачи на Македонија.

Во однос на можноста за проширување на листата на дејности на кои ќе им биде дозволено да работат во недела, Димитров вели дека сè уште не се дискутирало за тоа на седница на Економско-социјалниот совет. Тој посочува дека имало најава од Министерството за економија и труд за отворање на ова прашање, бидејќи дел од компаниите и трговците сметаат дека се ставени во нерамноправна положба поради тоа што не им е дозволено да работат во недела.

Од Синдикатот потсетуваат дека работодавците што не припаѓаат на дејностите опфатени со законските исклучоци не смеат да организираат работа во недела, во текот на државни празници или на други празници утврдени со закон. На работниците што се ангажирани во дејностите што спаѓаат во исклучоците им укажуваат дека имаат право на зголемен надоместок, односно вкупно 250 проценти дневница за работа на празник.

Од Синдикатот укажуваат дека доколку Државниот инспекторат за труд, при инспекциски надзор, утврди дека кај работодавец работи работник во недела или на празник, спротивно на членот 25 од Законот за трговија, ќе биде изречена забрана за вршење дејност во работната просторија или работниот простор каде што е констатирана неправилноста, во траење од 15 дена. Истовремено, на работодавецот ќе му биде издаден и прекршочен платен налог. Доколку тој не го прифати, надлежниот инспектор ќе поднесе барање за поведување прекршочна постапка согласно со Законот за прекршоци.

Извор: skopjeinfo.mk